Нема ослободување на заложниците без испорака на лекови и гориво во Газа, порача Хамас

Официјален претставник на Хамас во вторникот вечерта рече дека исламистичката група повеќе нема да ослободува заложници освен доколку не се дозволи доставување медицински материјали и гориво неопходно за генераторите во болниците во Појасот Газа, откако со израелската блокада е прекинато снабдувањето со струја.

Минатиот петок Хамас со посредство на Катар ослободи двајца заложници кои се американски државјани. Исламистичката група држи над 220 заложници, вклучувајќи бебиња и мали деца, велат израелски извори.

„Од хуманитарни причини, безусловно ослободивме четири лица, но ако некој побара дополнително ослободување на заложниците, мора да побараме од меѓународната заедница да изврши поголем притисок врз Израел и да го отвори преминот Рафа за да може медицинските материјали и горивото да влезат во Газа“, изјави Осама Хамдан, член на политбирото на Хамас и претставник во Либан.

Хамдан, близок до преговорите за заложници, истакнува дека Палестинците имаат основно право на болничко лекување доколку се изложени на секојдневни израелски воздушни напади.

„Неопходно е Израел да престане да го бомбардира нашиот народ за да обезбеди ослободување на киднапираните луѓе“, рече Хамдан.

Најмалку 222 лица се грабнати во нападот на исламистичкиот Хамас на 7 октомври врз населби, кибуци и музички фестивал во јужен Израел. На тој ден Хамас уби над 1.400 Израелци и државјани на неколку други земји, речиси сите цивили. Одмазднички израелски воздушни напади во Газа загинаа повеќе од 5.000 луѓе од кои речиси половината се деца, според Министерството за здравство под контрола на Хамас. Бројките, сепак, не може да бидат независно потврдени.

Хамас е на листата на терористички организации на Европската унија и САД. Израел се повлече од Појасот Газа во 2005 година, Хамас победи на изборите во 2006 година и беше принуден насилно да ја презеде целосната контрола врз палестинската енклава во 2007 година од меѓународно признатата Палестинска самуправа, во која доминира ривалското движење Фатах чија база е другата енклава Западниот брег (на реката Јордан).

Од нападот врз Израел на 7-ми октомври, енклавата е под уште пожестока целосна израелска блокада воведена инаку во 2007 година, а недоволната помош која не изнесува ниту 5 отсто од дневнтие потреби на населнието и енклавата пристигнува само со камиони преку граничниот премин Рафа со Египет.