Владата одлучила при паралелниот увоз на лекови увозникот да мора да има оригинален сертификат за квалитет на секоја серија лекови, соопшти владиниот портпарол, кој на прес-конференција информираше и за текот на разговорите со Грција и негираше дека се преговара за конкретни предлози
Веледрогериите кои во иднина ќе увезуваат лекови при т.н. паралелен увоз мора да обезбедат оригинален сертификат за квалитет на тие лекови, одлучила Владата на својата последна седница. Според владината одлука, сертификатот за квалитет треба да биде издаден од производителот на лекот или од лабораторија овластена од надлежен орган на земјата производител или од земјата извозник на лекот.
Како што информираше владиниот портпарол Миле Бошњаковски, на овој начин треба да се зголеми контролата на квалитетот и безбедноста на секоја серија од лековите при паралелниот увоз и со тоа да се заштитат пациентите од евентуални неквалитетни лекови.