Владата деновиве „чесно“ призна дека прогресивниот данок после 9 месеци од неговото воведување, не ги даде очекуваните резултати, па го „замрзнаа“ за 36 месеци. Пак е во функција рамниот данок, односно личните доходи пак ќе се даночат со 10 проценти. Анализите на Министерството за финансии за шесте месеци од годинава покажале дека воведувањето на прогресивниот данок на личен доход не покажал значително подобрување на распределбата на доходот, односно дека се изгубени 50 отсто од даночните приходи кои можеле да се соберат со рамниот данок. Тоа го посочи министерката за финансии Нина Ангеловска.
Сега се наметнуваат неколку прашања. Владата призна дека изгуби, но дали победија бизнисмените, кои иако во изминатите месеци често го критикуваа воведувањето на данокот, сепак беа обврзани да ги дадат парите? Или станува збор за политички популизам во момент на закажани предвремени избори? Има ли шанси сега да се очекува на фирмите кои искешираа средства за да го платат овој наметнат данок, да им се вратат парите?
Нема можности за такво нешто, коментираат бизнисмените, кои велат дека досега не се случило ретроактивна примена на ново законско решение или одлука.
„Мислам дека бизнисмените немаат право на никакво обештетување. Впрочем, ова не е прв пат некој закон да се измени, па повторно да се врати во првобитната состојба. Проблемот настана затоа што вака конципираниот прогресивен данок, не беше во состојба да ги оствари целите кои беа предвидени со него. Тогашниот министер за финансии (Драган Тевдовски) имаше направено солидна анализа и имаше добри намери, ама предложеното решение не одговараше на состојбите на пазарот“, вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија.
Дека нема шанси за враќање на парите што макеоднските компании ги дале како прогресивен данок, потврдува и Маријана Перковска, претседател на Текстилниот кластер, која вели дека е добро што се стопира и дека данокот бил само на штета на работникот. Според Перковска, грешка беше што се почнало од крајот, а не од коренот. „Многу подобро ќе беше за државата, односно за полнење на буџетот, да се прејде прво кон воведување на прогресивен данок на недвижен имот на компаниите и на физичките лица, како што е тоа практика секаде во светот. Таму се парите и така многу повеќе ќе се собереа средства во државната каса. А, на тој начин и банките ќе имаат повеќе пари со кои ќе можат да го поддржат стопанството“, вели Перковска и додава дека воведувањето на прогресивниот данок конкретно не предизвика проблеми во текстилната дејност, бидејќи платите таму и онака се многу пониски во споредба со дејностите за кои се однесуваше овој данок.
А, според професор Трајко Славески, поранешен министер за финансии и сега член на ИК на ВМРО ДПМНЕ, СДСМ мора да ги обештети граѓаните кои платиле повисоки даноци од воведувањето на прогресивниот данок.
„Направена е штета на повеќе полиња. Сите стопански комори, поголемиот дел од македонската стручна јавност, компании.. укажуваа дека оваа мерка ќе има негативни резултати. И самите сега признаваат дека се зголемила даночната евазија, постои бегство на капиталот од Македонија во соседните земји, дека нема никакви ефекти ниту во прибирањето на даноци, а не е постигната целта за намалување на нееднаквоста, затоа што како што може да се види, нееднаквоста се намалува и без тоа, односно со други мерки, мерки насочени кон економски раст во земјата“, изјави Славески. Тој додаде дека зголемувањето на даноците негативно се одрази на привлекувањето на директни странски инвестиции како и на стандардот, затоа што зголемената даночна стапка за закупнините за речиси двапати ги зголеми кириите за студентите, младите брачни парови и за малите бизниси.
Со прогресивниот данок, наместо да се соберат повеќе пари, изгубени се 50 отсто од даночните приходи кои можело да ги има со рамниот данок
Прагот за прогресивниот данок на доход што го воведе Владата од 1 јануари годинава се однесуваше за 90.000 денари месечна нето плата, со дополнителни 8 отсто за доходот над овој праг. Односно ако некој е со месечна плата од 100.000 денари, данокот на доход до сумата од 90.000 денари да се пресметува по стапка од 10 отсто, а остатокот од сумата со стапка од 18 отсто. Со тие пари, според тогашното објаснување на министерот Драган Тевдовски, ќе се финансира социјалната реформа во државата. Тој објаснуваше дека со воведувањето на прогресивното, фер оданочување, до крајот на годинава во буџетот ќе се слеат околу 25 милиони евра, со кои ќе бидат финансирани разни социјални мерки во насока на намалување на сиромаштијата.