Нема потреба од игри на зборови директоре Панов, само искрена дебата

Реакција по објавата на Митко Панов, по мојата колумна

Почитуван директоре Панов,

Мојата колумна очигледно сте ја разбрале како личен напад, а не како критика на вашето вршење на функции. Позади напишаното, јас стојам со име и презиме, а не се сокривам позади академско изразување како вашето и позади институција како што вие правите. Вработените во институтот не сум ги критикувал, напротив добар дел од нив ги познавам, луѓето даваат толку колку што можат во условите кои ги имале и имаат. Значи нема потреба да не доведувате во конфликт мене и вашите вработени и не мора да ги ангажирате во одбрана.

Добро пишувате дека моралноста и чесноста се доблести, ама не е морално и чесно да поистоветувате директор на институција со цела институција. И претседател на здружение со цело здружение. И пак да повторам, јас не се занимавам со вашата личност и приватност. Немам право на тоа и ниту сакам тоа да го правам. Велите не сум ве сослушувал вас е сега да ви одговорам. Откако последно се видовме на кејот на Вардар да барате од мене поддршка за правни совети околу кандидатурата за директор и разговаравме за тоа што Ѓоргиев го правел до вас не можеше да се стигне. Благодарам што ми ја имавте довербата тогаш. Исчезнавте и станавте недопирлив, а посебно што вчера ми се јавивте дрско ми спуштивте слушалка, недозволувајќи да кажам било што. На човек што е постар од вас, од кого сте барале совети, а се правите како првпат да се слушаме. Зошто еднаш не ме исконтактиравте за година и пол како што ветивте за да ви предочам што мислам и што забележувам, што направив да ме избегнувате.

Моето искуство кажува дека само човек со немирна совест бара скриени мотиви, лични напади, соработници и слично. Ако досега не ви е познато за што сум реагирал, критикувал тогаш дозволете да ви ги подарам моите книги. А воедно тактички одбегнувате и да споменете некои од моите клучни моменти во претходната колумна. Вашата реакција ја разбирам како обид вие пред вашите вработени да се оправдате. Вашите годишни извештаи се интерна работа кои може, а и не мора да ги задоволи очекувањата на вработените, тие што зависат од вас. Јас сум дел од јавноста, надворешно лице кое може да има свои очекувања од тоа како треба да работите како директор. Да повторам имав огромна доверба во вас и донекаде сеуште не е изгубена.

Таман работа ако тоа што сте го набројале како успеси да не сте го сработиле. Друго, тоа што го истакнувате за допрен глас, до вас ама баш ништо не допре за управувањето со институцијата претходно?! Почитуваната професорка Тодороска, во една емисија на Алфа ТВ (26.05.2023 гodina „Вечерно шоу со Богдан Илиевски“) објави шокантни информации кои останаа така.

Кога ќе се консултирате со правникот кај вас, еве помош од мене, направете детална и целосна ревизија, доставете ја до сите вработени и прикажете ја до јавноста. Земете пример од министерот за транспорт и врски, Александар Николоски кој сам повика истраги во „Македонска пошта“.

Тогаш и јас ќе се ангажирам преку пристап до информации од јавен карактер да извлечам што повеќе од она што вие сте го сработеле и други работи што ме интересираат.

Кога говорите кај Комисијата, не прескокнувајте да кажете дека имате три функции што покажува акумулација на функција, директор, член на Комисија, претседател на Здружение. Зошто записници од Комисија директоре, треба ли сега се да пребарувам и да прикажувам што сте кажале за претходниот состав. А јавноста ја интересира и финансиските придобивки. За етика да не зборувам и сам знаете како котираат комисиите кај македонската јавност. За здружението само едно сакам да ве прашам, кога ја имавте последната активност и кога последен пат се појавивте во јавност од име на тоа здружение? Замирање значи дека нешто функционирало, а сега не.

Крајното ваше обраќање посебно ми се допаѓа дај боже тоа да го остварите, а јас на истекот од вашиот мандат ако сум жив и здрав ќе ви го цитирам. Вие продолжете да ме понижувате што сум пензионер, а јас ќе ви посакам  да си остарете. Од ова старче примите совет две лубеници под мишки не се носи, и Институт и Комисија и за се друго.

Ми се допаѓа и вашата самоувереност но кога се надевам дека некогаш ќе се сретнеме ако сакате и ќе ви соопштам повеќе нешта, за да не бидат „лични напади“.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес