Нема повредени лица во пожарот кај „Треска“, жителите се евакуираат

Досега нема пријава за повредени лица во пожарот што избувна попладнево во кругот на поранешната фабрика „Треска“, велат од МВР, а се врши и евакуација на жителите од околните станбени објекти. Силниот пожар и густиот чад предизвикаа паника кај грѓаните. Од ЦУК информираа дека се запалил и магацин во кругот на поранешната фабрика и дека огнот зафатил и пластични материјали, дрва, грмушки и отпад.

Полициски екипи излегоа на терен, сообраќајот се пренасочува, а со пајак-возила се отстранувале непрописно паркираните возила на тротоарот пред фабриката, за да можат противпожарните служби да пристапат до местото на пожарот.

Пожарот бил пријавен на бројот за итни повици 112 во ЦУК и веднаш е интервенирано со шест противпожарни возила.

Во близина на опожареното место дојде и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски. Тој на Фејсбук објави дека Општина Центар формира кризен штаб за координација и поддршка на акцијата. „Заради настанатиот метеж во овој дел апелирам оние кои можат да го заобиколуваат овој дел од градот“, напиша Герасимовски.