Нема повредени во вооружениот грабеж во банката во Велес, се утврдува однесената сума

Нема повредени во вооружениот грабеж кој се случи во петокот утрото во експозитутрата на „ТТК Банка“ на улицата „8-ми Септември“ во Велес, откако вработените постапиле според однапред дадени упатства од страна на менаџментот, информираат од банката и додаваат дека се работи на утвердувње на висината на сумата која е претходно одземена.

„ТТК Банка АД Скопје ја информира јавноста дека нејзината експозитура денес 07.02.2020 година во 9.20 часот во центарот на Велес е ограбена од непознат сторител. За време на настанот вработените во Банката постапиле според процедурите и претходно дадените упаства, кои се применуваат во вакви случаеви“, се наведува во соопштението за јавноста.

Притоа се истакнува дека ниеден од вработените не е поврeден, ниту за време на настанот имало надворешни клиенти во Банката.

Во моментов се работи на утврдувањето на висината на износот на ограбените средства, одаваат од „ТТК Банка“.

„Средствата на Банката се претходно осигурани во надлежна осигурителна компанија во функција за елиминарање на секаков ризик од ваков вид настани“, се посочува во информацијата за јавноста и клиентите на банката.

Од „ТТК Банка“, исто така, посочуваат дека безбедносните камери јасно го лоцирале ограбувачот и снимките од нив се предадени на надлежните служби при МВР, кои се излезени на местото на настанот и преземаат професионални оперативни мерки за откривање на сторителот на овој немил настан.