Украина нема да прави компромиси кога станува збор за нејзиниот „територијален интегритет“, но е решена да ги продолжи преговорите со Русија за да се стави крај на војната, изјави претседателот Володимир Зеленски.
Во однос на барањата на Москва, кои вклучуваат признавање на Крим како дел од Русија и републиките во Донбас како независни држави, Зеленски рече дека тоа се компромиси за кои Украина „не може да биде подготвена како независна држава“.
„Не може да се направат какви било компромиси поврзани со нашиот територијален интегритет и нашиот суверенитет“, рече тој, додавајќи дека „не можете само да натерате претседател на друга земја да признае нешто со употреба на сила“.
Зеленски истакна дека, сепак, без преговори би било невозможно да се реши конфликтот и дека неуспехот да се постигне договор може да доведе до трета светска војна. Тој ја повтори својата подготвеност за директни разговори со неговиот руски колега Владимир Путин.
„Бев подготвен во изминатите две години“, рече Зеленски.
Додека, како значајна отстапка, тој минатата недела призна дека Украина нема да се приклучи на НАТО, тој во неделата предложи дека ако блокот навистина сака да ја прими неговата нација, тоа треба да се случи „веднаш“.
„Да бевме членка на НАТО, војна немаше да започне. Би сакал да добијам безбедносни гаранции за мојата земја, за мојот народ“, рече тој.
Обраќајќи се на наводите на Путин дека има неонацисти во владата на Украина, Зеленски ги опиша како „смешни“.
Ваквите обвинувања покренаа „многу прашања“ за целите на рускиот претседател и „што друго е способен да направи заради неговите амбиции“, рече тој.
Во саботата, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги дефинираше барањата на Русија како „апсолутно минимални“ и посочи дека украинската делегација „ја држат за рака, најверојатно Американците“, кои, како што рече, не дозволуваат Киев да се согласи со барањата на Москва.
Во неделата, по разговорите во текот на неделата во главните градови на Русија и Украина, турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу рече дека двете страни се поблиску до договор за „критичните“ прашања.
Помошникот на украинскиот претседател Михаил Подољак претходно процени дека преговорите за мировен договор може да траат „од неколку дена до една и пол седмица“.