Никој не врши притисоци врз превозниците кои утре треба да ги донесат симпатизерите на СДСМ на митинг во Скопје. Околу 900 охриѓани од СДСМ утре со автобуси и приватни автомобили ќе патуваат за Скопје на митингот кој го организира партијата, пишува порталот ohrid1.com.
Според информациите на ohrid1.com добиени од самата партија, превозот бил организиран и него ќе го изврши приватната транспортна фирма ПУПЕ КОМПАНИ од Охрид која е блиска до СДСМ.
-Од извори во партијата, ( а што ни потврдија и официјално од самата приватна фирма ) дознаваме дека никој до сега врз фирмата не извршил никаков притисок, а од менаџментот на фирмата ( чиј сопственик е во роднински врски во Бранко Црвенкоски ) велат дека немале никакви проблеми и никој како што велат не ги ”чепнал”, пишува ohrid1.com.
– Нема никакви проблеми. Нас никој не ни направи проблем, не не ”чепна” ни полиција, ни некој како што се ширеа муабети инспекции или не знам кој и какви групи. Со години ние возиме за СДСМ, партијата си плаќат и услуга даваме, а никој ни за овој митинг ни за други митинзи порано не ни направил проблем. Не ми е јасно кој се овие кои излегуваат по медиуми со вакви глупави тврдења дека некој не притискал. Ево јавно кажувам, јас ги возам сите на митинг од Охрид до Скопје и повторувам јасно и гласно : Немам никаков проблем и никој не ми вршел никаков притисок ! – изјави за Охрид1 Јован Мирчески – Пупе, сопственик на ПУПЕ КОМПАНИ.
Тој вели дека него му одговара да има митинзи, бидејќи така се отворала работа за фирмите и од еден митинг се обезбедувале средства за плати за вработените.