Нема притвор за поранешниот директорот на ЕСМ за случајот „Адитив“

Судија на претходна постапка при Основниот Кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлогот за определување мерки за претпазливост против В.К. од 11 декември 2024 година за истрагата за предметот од Обвинителството „Адитив“, денеска по добивање на известување од надлежното МВР за неговата достапност, донесе решение со кое го отфрли предлогот за определување мерки за претпазливост, со оглед дека осомничениот не е достапен за органите на прогон.

„Судија на претходна постапка може да постапува и да донесе решение за прифаќање на предлог на Јавен обвинител, без да биде сослушано осомниченото лице, само доколку за истото е предложена мерка притвор, но не и кога против истото лице се предложени мерки за претпазливост, како во конкретниот случај и истото лице воопшто не е лишено од слобода и спроведено во судот да се произнесе за предлогот како што налагаат одредбите од Законот за кривична постапка“, се вели во соопштението од Основниот Кривичен суд Скопје.

Решението на Кривичниот суд, како што се наведува, ќе биде доставено до странките во постапката.

Основниот кривичен суд Скопје на 11 овој месец им одреди мерка притвор во траење од 30 дена на поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Стефанов и на уште седум лица осомничени за криминал тежок 6,5 милиони евра во акцијата „Адитив“ на Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК).

„Што се однесува до осомничениот В.К. кој, до овој момент не е лишен од слобода ниту е спроведен или се јавил во судот, до Основниот кривичен суд Скопје, надлежниот Јавен обвинител достави предлог за определување мерки за претпазливост согласно член 146 ст.1, т.2, 3. и 6. односно Одземање на патна исправа, Обврска повремено да се јавува во судот и Забрана за одржување и воспоставување контакти, за кои судот дополнително ќе одлучува откако истиот ќе биде обезбеден од органите на прогон“, велат од Судот и додаваат дека против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) денеска даде појаснување во врска со денешната изјава на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, која се однесува на можноста за определување мерки за обезбедување против едно осомничено лице во предметот „Адитив“.

Во соопштението, обвинителството истакнува дека Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера, 26 декември 2024 година, доставило Известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во кое, во делот што се однесува на осомничениот, е наведено дека тој не бил пронајден на домашната адреса при спроведувањето на претресот, а соседите не го забележале подолг период.

„Законот за кривична постапка е јасен и дециден во вакви случаи – МВР треба прво да го извести судот, кој ќе побара од полицијата да ја утврди достапноста на лицето. Ако се утврди дека лицето е недостапно, судот го известува Обвинителството, кое ќе се произнесе за предлогот за мерките за обезбедување“, се вели во соопштението од обвинителството.

Дополнително, од ОЈОГОКК објаснуваат дека Основниот кривичен суд – Скопје до денес не доставил известување во врска со недостапноста на осомничениот, а обвинителите не можат да носат одлуки или да поднесуваат предлози надвор од нивните законски овластувања. Обвинителството ќе постапи согласно законските надлежности за мерките за обезбедување штом ќе добие официјално известување од судот дека осомничениот не е достапен за органите на прогонот.

Министерот за внaтрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека е вчудоневиден што не е побарана мерка притвор за поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски кој е недостапен за органите на прогонот, а е осомничен за проневера на 6,5 милиони евра.