Нема ред, ниту контрола од власта, корупцијата е спуштена на најниско можно ниво, вели Николоски

„Зошто очекуваме победа на избори? Очекуваме убедлива победа затоа што јасно е од сето она што го гледаме помеѓу граѓаните е дека две константи стојат, прво е дека економијата тоне, а второ дека корупцијата цвета. И кај да одите во државата ги слушате тие две работи. Особено во делот на корупција, таа е спуштена толку ниско што веќе не зборуваме за високопрофилирана корупција кај највисоките носители на државната власт туку зборуваме за корупција која што е спуштена на најниско можно ниво. Затоа што нема ред, и нема контрола и тоа е нешто што граѓаните го чувствуваат во секојдневниот свој живот и начин на живеење“, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во утринска емисија на „Слободен печат“.

Николоски додаде дека практично ако граѓанин нема роднина, сосед, братучед на било кој шалтер основна работа не може да заврши. Дури не може да се заврши основна работа ако не се однесе подарок.

„Тоа се двете прашања каде што ние нудиме одговори, нудиме решенија“, нагласи Николоски.

„Моето мислење е дека Македонија има и добри закони и добри институции. Не мислам дека треба да се носат нови закони, ниту мислам дека треба да се менуваат или создаваат нови институции, тоа би било губење време. Мислам дека треба да се остави простор на институциите да работат по Закон, со јасно таргетирање на по моја проценка од 10 до 15% корумпирани во секоја институција, останатите се професионалци и чесни луѓе кои што сакаат да работат, а сега се губат во сивилото“, рече Николоски.

Тој посочи дека ако на пример сите зборуваат за корумпирани доктори, треба да се истражи за тие за кои што се зборува дали се или не се. Тие што се корумпирани да одговараат пред законот, а тие што не се корумпирани да им се исчисти името. И така се прави прочистување.

„Ако зборуваме за корумпирани професори на факултетите како што има случаи исто така треба да се провери“, појасни потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој нагласи дека веќе се случува еден вид олигархија во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Тоа е магичен круг каде што никој не одговара и скоро да нема судија, обвинител кој што одговарал овие години. Академијата за судии и обвинители наместо да е еден вид на факултет за судии и обвинители стана место на деца на судии и обвинители, па и на политичари да стануваат судии и обвинители. И тоа треба да се истражи.