-Не е планирана реконструкција на Владата. Сега е период кога се подготвуваме за идната година. Интензивно ги презентираме буџетите на секое министерство поединечно, изјави премиерот Димитар Ковачевски, дециден дека предремени парламентарни избори ќе нема.
-Владата функционира во полн капацитети за да се справи со сите предизвици кои ги има државата, а верувајте ми дека овој мандат од 11 месеци веќе е исполнет со големи предизвици со какви што досега не се соочувала ниту една влада, на еконономски, на енергетски план и ајде да кажеме на планот на обезбедување, на непречено функционирање на сите институции со оглед на хибридните закани кои доаѓаат, а се резултат на војната што се води во Украина, рече Ковачевски.
Запрашан дали трибините што ги организираше неговата партија се вовед во предвремени избори, рече дека избори ќе има заедно со претседателските, во 2024 година.
– Јас сум човек кој се држи до своите ставови и не менувам ставови како други политичари и избори ќе има во 2024 година, прво претседателски, а потоа парламентарни. И самата анкета (ИРИ) ви покажува дека граѓаните се определени за европска иднина на државата. Доколку се погледнат внимателно процентите на партиите кои се за европска Македонија и зачленување во ЕУ и партиите кои се за блокирање на тој процес, тогаш се гледа разликата и можете уште сега да го видите резултатот дека во 2024 ќе имаме претседател на држава кој е за зачленување на Северна Македонија во ЕУ, а таков можеме да предложиме само ние СДСМ, нормално со коалиционите партнери, рече Ковачевски.