Иако ЈП „Паркови и зеленило“ со години се соочува со финансиски потешкотии во работењето, деновиве незадоволството на вработените кои два месеци не зеле плата ескалираше со закани за штрајк. Меѓутоа, директорот на претпријатието, Душан Авировиќ, вели дека штрајк нема, бидејќи разговарал со работниците на кои им ветил дека платата ќе ја добијат в четврток, односно утре.
„Имаше извесни дезинформации меѓу вработените за доцнењето на платата, затоа имав информативен разговор со нивни претставници, и целата работа е решена. Факт е дека се доцни со исплатата, а моја основна обврска е да им обезбедам редовни примања на тие луѓе, но сосотојбата во претпријатието е таква каква што е, и се обидуваме да ја надминеме“, вели Авировиќ.
Работата на ЈП „Паркови и зеленило“, основно се финансира од годишни субвенции од Градскиот буџет, како и од процент од наплатата на ЈП „Водовод и канализација“, меѓутоа, тоа засега е доволно само за исплата на платите на вработените, но не и за други тековни трошоци, како набавка на опрема, гориво, нови садници и слично.
Главниот проблем, според градоначалникот Коце Трајановски, е ниската наплата на градското водоводно претпријатие, што е помала од 50 отсто. Ако наплатата би се искачила до 70-80 отсто, според Трајановски, вклучително со субвенците од Градот, претпријатието би можело добро да функционира.
„Кога стапив на градоначалничката функција, Градот ги затекна во многу лоша соостојба јавните претпријатија. Работниците не можеа да земат редовна плата, бидејќи имаа огромни долгови кон државата и кон доверителите, но голем број од тие претпријатија ги ставивме на сопствени нозе од финансиски аспект. Го зголемивме процентот што го добива ЈП „Паркови и зеленило“ од наплатата на вода од 17, 5 отсто на 19, 5 отсто. Но, проблемот е во тоа што треба да се зголеми висината на наплата на вода во „Водовод“ што е под 50 отсто. Јавните претпријаија „Водовод“ и „Паркови и зеленило“ прават акциони планови како да се направи тоа“, вели Трајановски.
Сепак, тој смета дека ЈП „Паркови и зеленило“, треба да направи извесни внатрешни структурни измени за поекономско работење и поголема ефикасност.
Градот, за одржување на паркови, садење дрва, цвеќиња и слични услуги, го ангажира исклучиво само ова претпријатие, со што годишно му дава работа во вредност од околу 1 милион евра.