Нема штрајк на пругите за гевгелиските таксисти

По вчерашниот судир со полицијата денеска нема штрајк на пругите за гевгелиските таксисти. Специјалните полициски единици од синоќа стојат на пругата и не дозволуваат да се блокира железничката линија, јавува телевизијата „Телма“.

Без никаква најава, по само еден ден се прекина и договорот со Цук, дневниот транспорт на мигрантите да го вршат таксистите, а ноќе да ги превезуваат со воз. Таксистите се чувствуваат изманипулирано, и бараат министерот за транспорт и врски ја објасни целата ситуација.

Од Цук велат дека Управувачкиот комитет донел одлука транспорот да биде само со воз, бидејќи е најбезбеден транспорт за мигрантите, а ја разгледувале и можноста возот да ги пренесува директно до бегалскиот камп во Прешево, Србија, без застанување на македонско-српската граница.

Ваквите ненадејни промени во транспоротот ги изреволтираа таксистите во Гевгелија, па вчера попладне решија да ги обноват блокадите на пругата.

Нивниот обид за штрајк пропадна откако полицијата интервенираше при што дојде до судир со таксистите.