Нема траги од исчезнатата аргентинска подморница, има резерви кислород за уште еден ден

На потрагата по исчезнатата аргентинска подморница со 44 членови на екипажот во вторникот ѝ беше наклонето мирното море, но засега не е пронајдена ниедна трага којашто би упатувала на нејзината локација па загриженоста расте, особено поради тоа што нејзините резерви од кислород би можеле да бидат при крај, соопштија ноќта кон средата властите во Буенос Аирес.

Подморницата „Сан Хуан“ пловела од Ушуаиа, најјужниот град на светот во матичното пристаниште Мар дел Плата и се наоѓала на околу 300 километри од брегот кога минатата среда пријавила дефект на електричните инсталации и последен пат ја испратила својата локација.

Овој тип подморница, направена во Германија, има резерви од кислород за една седмица, што значи дека нејзините резерви се при крај доколку при исчезнувањето потонала или не можела да се искачи на површината.

„Кислородот е постојана грижа и секој ден кој минува станува покритичен“, изјави командантот на аргентинската воена морнарица Габриел Галеци на прес-конференцијата во Мар дел Плата.

Во потрагата за исчезнатата подморница учествуваат десетици бродови и авиони од Аргентина, САД, Велика Британија, Чиле и Бразил.

Потрагата ја отежнуваа брановите високи до 8 метри и силните ветрови, а времето се подобрило во вторникот. Портпаролот на морнарицата Енрике Балби изјави за новинарите дека мора да се искористат подобрените временски услови, бидејќи во четврток повторно се очекуваат неповолни временски прилики.

Аргентинските бродови кои учествуваат во потрагата во понеделникот објавија дека на рутата на којашто исчезналча подморницата откриле континуирани звуци, но дена подоцна аргентинската морнарица објави дека тие звуци не потекнуваат од исчезнатата подморница.