Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот изјави дека нема време до крајот на годината да се потпише нов договор за транзит на гас преку Украина која ја обвини за непродолжување на договорот со кој се испорачува гас на Словачка, Чешка и Австрија.
„Тие најавија дека нема да го обноват договорот“, рече Путин додавајќи дека Киев со овој потег ја казнува Европа.
Сегашниот петгодишен транзитен договор меѓу Русија и Украина истекува на крајот од годината.
„Нема договор и невозможно е да се склучи за три или четири дена“, рече Путин во прес-конференцијата по повод одржаниот состанок на Вишиот Евроазиски економски совет.
Количествата руски гас коишто моментално доаѓаат во Европа преку Украина се релативно мали. Во 2023 година, Русија преку оваа рута испрати околу 15 милијарди кубни метри гас, што е само 8 отсто од вкупното количество руски гас коешто течеше во Европа преку различни рути во 2018 и 2019 година.
Гасоводот низ Украина, кој датира уште од советската ера, сочинува околу половина од вкупниот моментален извоз на руски гас во Европа, која и изминатите две децении се соочуваше со ткн „гасни војни“ кога Киев бараше уште поголеми повластици за транзитот а Москва ја обвинуваше Украина дека ги поткраднува количествата од енергенсот испорачувани преку оваа мрежа во Европа. Тоа беше и една од причините за изградната на руско-германските гасоводи Северен тек кои по ланската диверзија не се во функција.
Гасоводот Уренгој-Помари-Ужгород од советската ера носи гас од Сибир преку гратчето Суџа, кое сега е под контрола на украинските воени сили во руската област Курск. Потоа оди преку Украина до Словачка, каде што гасоводот оди до Чешка и Австрија.
Украина затвори една од рутите за снабдување со гас и се жалеше до Арбитражниот суд барајќи Русија да плати за она што не е транзитирано низ нејзината територија. Тоа значи дека Русија нема да може да добие пари за испораки на енергенсто во Европа преку Украина, бидејќи ќе оди кај властите во Киев за да го отплати побарувањето.
„Рековме, ќе снабдуваме, макар тоа да е „Сокар“, азербејџанска или турска, или унгарска или словачка компанија. Но, тие (Украина) нека ја повлечат тужбата од судот“, рече рускиот претседател.
„Русија е подготвена да испорача гас преку Украина до секој клиент, но рече дека тужбата го оневозможува тоа“, рече Путин додавајќи дека Русија е подготвена да ја снабдува Европа со гас преку Полска преку гасоводот Јамал-Европа.