За извршувањето на казната, издржување на затвор, за поранешниот директор на Царинската управа Драган Даравелски не настапила застареност бидејќи за законскиот член по кој тој бил осуден за злоупотреба на службената положба, застареноста настапува 20 години од изрекување на пресудата, која во случајов станала правосилна во 2008 година. Оваа објаснување го дадоа од скопскиот Кривичен суд откога во јавноста се појавија дилеми околу целисходноста на неговото апсење, вчера на граничниот премин „Табановце“ при обид да влезе во земјава од Србија каде две децении се криеше од правдата, објави Слободен печат.
– Застареноста на извршувањето на казната за овој вид на злоупотреба на службената должност, за кој пресудата стана правосилна во 2008 година, настапува по 20 години – објаснија од судот.
По шпекулациите дека тој само една ноќ ќе помине во затворот „Идризово“ каде што вчера беше однесен, во судот денеска велат дека, според нивни информации, тој се уште е таму и се очекува Основниот суд во Куманово, каде што Даравалски за последен пат имал пријавено живеалиште, да го задржи во затворот или, во случај на добивање некаков приговор или жалба, случајот да го препрати до Кривичниот суд во Скопје.