Министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција рече дека прекинот на снабдувањето на Бугарија со руски гас не е поврзано со Македонија и дека имаме континуирана испорака.
„Според денешните состаноци со трговците, со ГА-МА и со АД НЕР, подмирени се сите обврски од наша страна во делот со снабдување со природен гас. Ситуацијата е комплексна и никогаш не се знае какви одлуки може да се донесат, но ние како држава имаме алтернатива за секоја ситуација“, рече министерот.
По одлуката на Гаспром за прекин на снабдување со гас на Бугарија, Бектеши рече дека следната недела во Софија ќе се состанат сите економски министри на засегнатите земји од регионот, со цел да се презентираат потребите на нашите држави и со тоа да имаме континуитет во снабдувањето.
Според Бектеши, Македонија е многу помалку зависна од рускиот гас, а индустриските капацитети може да работат на алтернативно гориво, како мазут, ТНГ и екстра-лесно масло.
Инаку, Македонија е во голем процент енергетски зависна земја, без извори на нафта и гас, кои целосно се покриваат од увоз. Секоја година увезуваме меѓу 30 и 40 проценти од потребите за енергенси.