Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, која неодамна престојуваше во посета на Украина, во петокот по локално време изјави дека се залага американската администрација да ја прогласи Русија за држава што го спонзорира тероризмот и изрази загриженост поради извештаите на американските медиуми кои открија наводни детали за разузнавачката соработка меѓу Киев и Вашингтон.
На прашањето дали го поддржува барањето на Украина, администрацијата на претседателот Џо Бајден и Конгресот да ја означат Русија како држава што го спонзорира тероризмот, Пелоси одговори потврдно во интервју за американската телевизиската мрежа MSNBC и нагласи дека за тоа се залага подолго време.
„Ако Русија не е наведена како држава спонзор на тероризмот, искинете ја таа листа“, нагласи Пелоси.
Пелоси, која неодамна ненајавено го посети Киев и разговараше со украинскиот претседател Владимир Зеленски за натамошната помош за Украина, рече дека украинскиот парламент по нејзиното заминување усвоил резолуција со која бара од американскиот Конгрес да ја стави Русија на таа листа и според неа таквата одлука треба да биде во надлежност на претседателот Бајден.
Во разговорот, Пелоси изрази голема загриженост и поради медиумските написи кои не сакаше да ги потврди или негира, за разузнавачката соработка меѓу САД и Украина, кои наводно му помогнале на Киев да го потоне рускиот команден брод и да ги ликвидира високите руски генерали.
Истакна дека „овој тип на известување не е од помош“, што посочува на барање од американските медиуми да ги премолчуваат чувствителните воени теми во однос на украинската криза и учеството на Вашингтон.
Во вчерашниот телефонски разговор со директорот на американската Централна разузнавачка агенција (CIA), Вилијам Барнс, директорката на националното разузнавање Аврил Хејнс и министерот за одбрана Лојд Остин, пораката на Бајден беше дека таквите откритија „го одвлекуваат вниманието од нашата цел“, изјави официјален претставник на американската администрација за телевизијата NBC News.
Друг функционер истакна дека Бајден порачал оти таквото протекување информации „ќе мора да престане“, наведува американската телевизија.
Бајден разговараше со официјални претставници поради загриженоста во неговата администрација за медиумските извештаи, вклучително и од американските телевизии, за размена на разузнавачки информации меѓу Вашингтон и Киев.
Претходно во четвртокот NBC News објави дека американските разузнавачки служби и помогнале на Украина да го потопи рускиот команден брод „Москва“ минатиот месец. Извештајот дојде откако весникот The New York Times претходно во средата о објави дека САД му обезбедиле на Киев разузнавачки информации кои ѝ помогнале на украинската војска да ликвидира некои руски генерали.