Целосниот ракопис на славниот роман на Албер Ками – „Странецот“ ќе биде понуден на аукција во Париз во средата под превезот на тајноста, бидејќи се верува дека е создаден по објавувањето на книгата.
Вредноста на овој исклучителен аукциски предмет, кој на аукцијата го нуди аукциската куќа Tajan, се проценува на меѓу 500.000 и 800.000 евра.
Албер Ками, добитник на Нобеловата награда за литература во 1957 година, се чини дека ги збунил книжевните познавачи со ракописот од 104 страници напишан целосно од негова рака и подврзан во црно марокен.
„Историјата на ова дело и неговото прецизно датирање се мистерија“, стои во каталогот покрај фотографијата од книгата. Ракописот на Ками завршува со записот на, најверојатно лажен датум, „април 1940 година“.
Треба да се напомене дека книгата „Странецот“ навистина е напишана во тоа време во Париз и текстот бил уредуван до септември 1941 година.
Славната издавачка куќа „Gallimard“ го објавила делото во мај 1942 година. Сепак, експертите за делата и животописот на Ками сметаат дека овој ракопис е посебен, бидејќи би можел да потекнува од 1944 година, доколку се земе предвид изјавата на сопругата на авторот Франсен Ками и разни други индиции.
Може да се претпостави дека во јули истата година Албер Ками можел да создаде ракопис за библиофил со извонреден вкус за детали што би изгледале како оние што обично му претходат на објавувањето на романот.
Заедно со одредени пасуси во книгата, видливи се „траги од бришења, забелешки вметнати меѓу редови и под текстот, а сѐ е преполно со стрели и разни белешки“. Во соопштението на аукциската куќа се наведува и дека „Ками оставил скици во фуснотите на 14 места кои во некои случаи изгледаат како шеги“.
Ками живеел во окупираниот Париз со скромни средства, а името на првиот купувач на неговата позната книга не е познато.
Овој многу вреден примерок претходно беше понуден на две аукции, од кои едната е одржана во далечната 1958 година, а другата во 1991 година. Оттогаш е во колекцијата на колекционер кој сака да остане анонимен.
Првото издание на „Странецот“ е отпечатено во 4.400 примероци. Делото веднаш станува бестселер, а потоа и еден од класиците на француската литература и до денес е продадено во милиони примероци.