Првиот ден од зимата беше во знак на необична мешавина од временски прилики во САД. Мраз и силен ветар го оковаа средниот запад и североистокот, додека југот е поплавен, а во Њујорк измерени се 21 степен.
Замрзнатиот дожд ширум источна Канада ги претвори патиштата и улиците во лизгалишта и предизвика хаос за патниците во еден од најфреквентните периоди од годината. Снегот и мразот оставија без струја 400.000 домаќинства и деловни објекти во Мичиген, на северот на државата Њујорк и на северот на Нова Англија, како и повеќе од 400.000 во источна Канада.
Некои за да добијат напојување со електрична енергија би можеле да чекаат и со денови. Во Торонто се отворени „центри за греење“, а оневозможен е трамвајскиот превоз и делови од подземната железница.
Градоначалникот Роб Форд чиј дом исто така е без струја и греење, рекол дека ова е едно од најлошите невремиња во историјата на Торонто.
Управата на Торонто вели дека 250.000 домови и фирми се без струја бидејќи делови од електричната мрежа се урнати од паднати дрвја. Мајсторите за сега работата на тоа струјата да стигне во две болници и погоните на градскиот водовод.
Во САд во неделата попладне повеќе од 500 летови се откажани, а околу 3.800 одложени, објави интернет сајтот ФлајтАвеар.
Додека се очекува дека студеното време ќе продолжи од северот на Средниот запад до северот на Нова Англија, високите температури необични за овој период од годината преовладуваат втор ден по ред поради топлите воздушни маси од јужните делови на Атлантикот.
Во Централ парк во Њујорк температурата се искачила на 21 степен, надминувајќи го претходниот рекорд од 17 степени од 1998 година.
Се очекува дека температурата ќе се врати во зимска нормала односно под 10 степени во понеделник вечер и вторник.
Од друга страна, во планинскиот Вермонт дрвјата пукаа од мразот, во Висконсин поради снег се затворени десетина цркви, во Милвоки навеал 23 сантиметри снег, а во Оклахома поради снег и мраз се случиле три смртоносни сообраќајни несреќи.
Во њујоршкиот округ Сен Лоренс има пет сантиметри мраз, поради што дрвјата се кршат и ја уриваат електромрежата.