Неочекувано многу помалку учесници на протестот на муслиманите во Германија против тероризмот

EPA/SASCHA STEINBACH

Во Келн во саботата е одржан собир на муслиманските здруженија против тероризмот во името на исламот, но на протестот се собрале многу помалку учесници од најавениот, а критиките на германските политичари се насочија кон турското културно-верско здружение кое не го поддржа протестот.

„По нападите во Берлин, Менчестер, Лондон.., како и ширум муслиманскиот свет дојде време да се испрати јасна порака. Ние не го сакаме никој во нашите редови кој во името на исламот убива невини“, изјави обраќајќи има се насобраните Ламиа Кадор, научничка и една од организаторките на протестите во Келн.

Научничката која се занимава со проучување на исламот додаде дека муслиманското граѓанско општество не смее „да им дозволи на екстремистите да го преземат зборот“.

Според организаторите, на протестот кој го организираа неколку поединци но го поддржа и Централниот совет на муслиманите во Германија, се собрале само 3.000 луѓе, иако се очекуваа најмалку 10.000 присутни. Некои медиуми, како Bild, дури пренесуваат за само 1.000 демонстранти.

Се проценува дека слабиот одѕив на протестот е последица од критиката на оваа манифестација од страна на најголемата турска културно-верско здружение DITIB која одби да го подржи овој протест велејќи дека тој „ги стигматизира муслиманите“ како терористи. Ова здружение, коешто ја организира верската служба за граѓаните од турско потекло во Германија, исто така, го критикуваше фактот што протестот се одржува во време на светиот муслимански месец Рамазан.

Здружението DITIB ги претставува најголемиот број турски муслимани кои со околу 2,3 милиони верници сочинуваат околу половината од сите муслимани во Германија.

Кадор и во саботата го критикуваше DITIB, оценувајќи дека оваа организација направила голема штета со тоа што одбила да учествува на протестот.

Германскиот политичари го поздравија саботниот протест, но истовремено го критикуваа отсуството на најбројната муслиманска заедница во Германија.

„Отсуството на водечките муслимански организации, како и многу скромниот број демонстранти покажува дека многу муслимани не се свесни за својата одговорност кога е во прашање конечното испраќање на сигнал и дистанцирање од политичкиот ислам и тероризмот“, изјави генералниот секретар на Христијанско-социјалната унија (CSU), Андреас Шеуер.

Министерот за правда Хеико Мас, од Социјалдемократската партија на Германија (SPD) ја критикуваше DITIB. Тој во разговорот за Koelner Stadt-Anzeiger изјави дека задачата на целокупното граѓанско општество е да се дистанцира од тероризмот.

„Муслиманското здружение DITIB не би требала да се чуди доколку со своето однесување се грижи за нови аргументи во рацете на критичарите на исламот“, вели Масс.

Здружението DITIB е директно подредено на владата во Анкара и последните месеци се најде под ударот на критиките на германската политичка јавност откако е откриено дека некои вработени во џамиите под закрила на здружението наводно ги шпионирале верниците за евентуални врски со движењето на исламистичкиот клерик Фетула Ѓулен кој живее во доброволен егзил во САД, и податоците ги испраќале преку турските конзулати во Анкара.