За Заев, не е лошо ако Грција ги искористи плановите на СДСМ за бојкот на Собранието.Штетните одлуки кои изминативе денови ги донесе најголемата опозициска партија со враќањето на пратеничките мандати и вонпарламентарното дејствување е резултат на недостаток на капацитет, визија и план кај раководството на СДСМ, одлуки кои покрај на опозицијата ќе и’ нанесат штета и на самата држава, а единствено ќе бидат во корист на нашиот јужен сосед, сметаат ескпертите.
Централниот одбор на СДСМ помина во тензична и напната атмосфера со низа барања за оставки на Заев и Шекеринска, а одлуката за враќање на мандатите СДСМ ја донел без кворум, според пишувањата на дел од медиумите. Најтесното раководство на партијата, предводено од Зоран Заев чекало да заминат неистомислениците, за да можат да одлучуваат едногласно, како што и подоцна беше соопштено дека одлуката била донесена.
Делегатите на Централниот одбор побарале конкретна стратегија од Заев, што ќе се случува по враќањето на мандатите и како партијата ќе делува. Според доброинформирани партиски извори, на ваквото прашање Заев одговорил дека таква стратегија нема и дека за тоа ќе се одлучува подоцна.
Делегатите јавно му забележале на Заев дека ќе се направи голема штета на државата со овој потег на СДСМ, на што лидерот на партијата одговорил дека по враќњето на мандатите, отпосле ќе му ја мислат за следните чекори.
Според аналитичарите и експертската јавност, Заев со ваквите ставови покажува дека нема никаков план и покажува недостаток на капацитет и визија за тоа каде оди СДСМ, а воедно и самата држава со штетните одлуки кои ги носи најголемата опозициска партија. Партиски извори коментираат дека на констатацијата на делегатите дека Грција ќе ја искористи ваквата одлука на социјалдемократите, Заев наводно одговорил, “ако, не е лошо тоа“.
Експертите согласни: Заев вулгарно го потценува народот, должен е да го објасни неприфаќањето на мандатите
Универзитетската професорка Татјана Каракамишева-Јовановска смета дека мандатот е сумиран збир на изборни резултати,така што се додека не се потврди во Собранието на РМ тој не произведува права и должности, што значи во оваа фаза лидерот на СДСМ е должен да им го објасни неприфаќањето на мандатите на своите гласачи и таму да си го насочи политичкиот арсенал.
-Откако мандатите ќе бидат верифицирани тогаш пратениците од СДСМ се должни да им се обратат на сите граѓани за да им објаснат што натаму ќе преземат како пратеници на сите граѓани на РМ согласно уставните одредби дека пратениците се претставници на сите граѓани во РМ. Истовремено тие се должни да објаснат зошто прават сериозна штета по државните интереси, која им е правната логика на нивното политичко дејствување во услови кога сите предлози за измени на Изборниот законик им беа целосно прифатени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и најсрамното решение за одбележување на палецот на граѓаните кои гласале. Токму СДСМ ги срочи одредбите за одделување на државата од партиите и предвиде драконски казни за прекршителите. Зошто не активираа ниту еден приговор, ниту една жалба ако навистина сметаа и беа убедени дека во РМ се случува системски грабеж на наивни и недоволно едуцирани гласачи. Зошто не им веруваат на институциите на системот кои од друга страна ги повикуваат да ги заштитат? Зошто немаат верба во Државната изборна комисија која е составена од претседател и од членови кои доаѓаат токму од СДСМ? Како можат да очекуваат поддршка од странскиот фактор и од граѓаните на РМ кога ниту една „вистина“ која тие ја презентираат пред јавноста не е предмет на докажување, и нема правна разврска. Не постои ниту елементарен обид на СДСМ за докажување на „„сопствената вистина“. Како може да очекувате ддека некој ќе ви верува во зборовите кога вие не дозволувате некој друг да има своја вистина? Која е таа дрскост и политичка недозреаност, смета Каракамишева –Јовановска.
Таа додава дека државата не се води со плачење и со глумење жртва колку некој системски ве краде. Ако сте сигурен во својата вистина потребен е фајтерски однос за докажување на вистината преку институциите на системот, зошто нели сте приврзаници на начелото на владеење на правото.
– Искрено се надевам дека во оваа група од 34 пратеници ќе се најдат личности кои можат да излезат од лошото сценарио на неколкумина во СДСМ и дека ќе покажат политичка зрелост за водење институционална политичка борба во која преку аргументи, преку нудење на алтернативни решенија и преку конструктивни чекори ќе се докажувааат пред граѓаните. Тоа е единственото добро сценарио за РМ. Бидејќи во политиката мора да се има долгорочна визија за успехот на државата, не кусогледост која не може да ја разбере дури ни мало дете а камоли зрел човек кој знае и умее да ја процени политичката состојба на трезвен и сериозен начин, вели универзитетската професорка за Курир.
Колумнистот Милан Банов пишува дека Зоран Заев, и покрај огромната, речиси патолошка желба, никогаш не сфати дека не е и не може да биде Бранко Црвенковски, напросто и затоа што за разлика од неговиот некогашен гуру, е човек со доста скудни интелектуални, организациски, лидерски и секакви други способности.
-Башка, ги нема ни харизмата, итроштината, мангуплукот и политичкиот опит на оригиналот. Затоа, впрочем, и овој имитатор и реплика на поранешниот лидер на СДСМ заличува несериозно, смешно, фарсично во сериозната работа што се именува како политика, што, пак, го раѓа резултатот – штета за партијата и за плурализмот до државата, пишува Банов во колумна објавена во Нова Македонија.
Според него катастрофалното решение на Заев да не се признаат резултатите од тукушто завршените избори (ако е само негово), односно да не се почитува волјата на народот, не е ништо друго освен вулгарно потценување, па ако сакате и беспримерна навреда на половина милион жители на оваа земја, на нихилистички однос кон нивната слобода на избор и непризнавање на нивниот граѓански статус.
Каракамишева-Јовановска смета дека чинот на враќање на мандатите е дел од едно поопсежно сценарио осмислено во потесни кругови на СДСМ за дестабилизирање на РМ, и за внесување на политички елементи кои би требало да предизвикаат политичка криза во земјата, но додава дека провидноста на сценариото е одамна очигледно.