Непал ги поскапува дозволите за искачување на Еверест

Дозвола за искачување на највисоката планина на светот, 8.849 метри високиот Монте Еверест наскоро ќе поскапи првпат по десет години, објавија седмицава непалските власти.

Почнувајќи од септември, сите заинтересирани за искачување на „покривот на светот“ ќе треба да платат 15.000 долари за дозвола за искачување на Еверест во текот на сезоната на искачување, што е зголемување од 36 отсто. Дозволата за искачување на Еверест чини 11.000 долари веќе десетина години.

Дозволите за алпинистите кои се упатуваат кон врвот надвор од најповолната сезона за искачување, која трае од април до септември, исто така ќе поскапат за 36 отсто, и ќе чинат 7.500 долари за периодот од септември до ноември и 3.750 долари за искачувања од декември до февруари. Зимските искачувања на Хималаите се најтешки и ги изведуваат исклучиво врвни алпинисти, додека сезоната од април до септември е преполна со комерцијално водени експедиции.

Приходите од планинарењето и турите на голема надморска височина сочинуваат повеќе од четири отсто од економијата на Непал.

Непал издава околу 300 дозволи за искачување на Еверест годишно. Непалската влада е критикувана затоа што дозволила премногу луѓе да се искачат на Еверест.

Останува да се види дали ова зголемување на цената на дозволата за искачување ќе го намали бројот на заинтересирани за искачување на Сагармата, како што Непалците го нарекуваат Еверест или Чомолунгма, како што го нарекуваат Тибетанците. Повеќето клиенти на комерцијални водени експедиции доаѓаат од најбогатите западни земји.

Во април 2024 година, Врховниот суд на Непал ѝ нареди на владата да го ограничи бројот на искачувања на Еверест и другите врвови од 8.000 метри поради прекумерната гужва и опасноста за самите алпинисти, кои се движат во колони во екстремни временски услови и создаваат метеж кон врвот. Судот, сепак, не одреди максимален број дозволи што треба да се издаваат.

Еверест се соочува со сериозен проблем со ѓубрето што го оставаат експедициите, особено комерцијалните, кои се стремат да им овозможат на своите клиенти најудобно и најлесно можно искачување, поради што шерпасите носат тони опрема, вклучувајќи гурманска храна и однапред поставени фиксни јажиња и кампови на голема надморска височина опремени со греалки.

Како резултат на тоа, Еверест ја доби неславната титула на „највисоката депонија за ѓубре во светот“. Од 2019 година, непалската армија презема операција за чистење на планината секоја година. Оттогаш, 119 тони ѓубре се отстранети од планината, а 14 тела на загинати планинари и неколку скелети се спуштени во долината.

Девет лица ги загубија животите на Еверест минатата година, а 18 претходната 2023 година. На Еверест сè уште се ноѓаат околу 200 тела на алпинисти на кои планината им стана вечен дом.

Осум од 14-те врвото над осум илјади метри се наоѓаат во Непал.