Властите во Непал соопштија дека пронашле остатоци од мал патнички авион во кој имало 23 лица, а во несреќата нема преживеани, пишува „Танјуг“.
Авионот исчезна рано утринава во западниот дел на земјата.
Пронајдени се остатоците на авионот што бил целосно изгорен, изјави за АФП министерот за воздухопловство Ананда Прасад Похарел, наведувајќи дека телата се наоѓаат околу остатоците на бродот.
Првично беше објавено дека во авионот имало 21 лица, меѓу кои и двајца странци и две деца. Станува збор за двомоторен авион од типот „Отер“ на непалската компанија „Тара ер“.
Авионот исчезна кратко по полетувањето на патот од Похар, 125 километри западно од Катманду до Џомсом. За време на летот, што требало да трае 18 минути, имало слаба видливост.
Во авионот имало и двајца странци од Кина и Кувајт, а останатите се од Непал, меѓу кои и две деца. Шефот на локалната полиција Харихари Јоги рече дека локалното население на едно мало село слушнало силна експлозија.