Непалски шерпас се искачи на Еверест рекорден 25-ти пат

Непалецот Ками Рита во петокот по 25-ти пат се искачи на Монт Еверест, соборувајќи го сопствениот претходен рекорд според бројот искачувања на „Покривот на светот“.

„Ками Рита постави нов рекорд со своето 25-то искачување“, на Еверест, соопштија за AFP од агенцијата „Seven Summit Treks“ којашто ги организира искачувањата на 8.848 метри високиот врв.

Педесет и едногодишниот Ками Рита, кој е професионален водич повеќе од дваесет години, првпат се искачил на Еверест во 1994 година како дел од една експедиција, а од тогаш се искачувал речиси секоја година. Во петокот се искачил како дел од 12-члена експедиција.

Јубилејниот 25-ти пат сакал да го оствари минатата 2020 година, за својот 50-ти роденден, но во тоа го спречи пандемијата на коронавирусот, зашто беа забранети искачувањата на експедициите на Еверест кои ги организираат главно странци.

„Мојата цел беше да го прославам педесеттиот роденден искачувајќи се на 25-ти пат во 50-та година, но поради ковидот тоа не беше возможно. Па сонот го остварив годинава“, изјавил Ками Рита.

Тој ги има искачувано и некои други врвови повисоки од осум илјади метри, меѓу кои и вториот највисок врв на светот К2 во Пакистан.

Пред две години на Еверест Ками Рита се искачи двапати, а годинава има намера тоа да го повтори, вторпат искачувајќи се со кралското семејство на Бахреин.