Непотизмот на власта е ветувањето на Заев за „јадење живи луѓе“

Попусти се обидите на Заев да игра на картата на моралноста на неговите сопартијци, бидејќи не се заборавени неговите најавувања уште во 2010 година кога на поддржувачите на СДСМ им ветуваше „јадење живи луѓе“ и масовно вработување во државната администрација.

Министерството за администрација вчера уверуваше дека во иднина новите раководни кадри ќе бидат избирани на транпсарентен начин и непартиски. Tоа би требало да биде осигурано со новото законско решение за кое во моментов јавно се дебатира откако непотизмот на актуелната владејачка гарнитура кулминираше во државната администрација, атрактивните компании во кои државата има удел и во единиците на локалната самоуправа…

Уште кон крајот на минатата година стана јасно дека истата администрација којашто актуелната власт ја нарекуваше партизирана и прегломазна е одновно силно партизирана, овојпат од активисти на СДСМ, децата на пратеници, на општински партиски моќници кои се вдомуваат особено во аткрактивните компании како МЕПСО, ТЕЛЕКОМ, М-НАВ.

„Секој функционер си носи своја одлука. Јас повикав да преземат чекори. Дел од нив одлучија да повлечат роднини, членови на своите семејства, дел одлучија да не повлечат. Секој има свои аргументи. Јас кажав, имаме член на семејство којшто е доктор, а ние сите бараме доктори, дефицитарни се и реално во компетативна постапка бил еден доктор, се вработил и е дете на пратеник. Имаме идеја да се формира ревизорско мониторинг тело и тоа тело треба да констатира во поединечни случаи дали има непотизам, дали компетиитвноста е нарушена, дали има правичност во изборот и селекцијата на кандидатите. Веројатно се работи за 20-30 случаи во државата, треба да ставиме една тенка линија, да не претераме за да не поминеме во дискриминација. Заради тоа што сите имаат право на работа во оваа наша земја. Ако тоа право не го злоупотребува некој функционер, близината до владејачката партија, тогаш тоа право треба да биде овозможено за сите. Ако се злоупотребува, тогаш е неправда врз некој друг кандидат. Јас поединечно ги анализирав случаите. Послединте шест месеци, тоа што оди преку Агенцијата за вработување, објавиле 1560 јавни конкурси за вработувања, успеале 750. Партискиот притисок не е толку изразен, за жал, заради миграцијата.  Кај што се повисоки платте, таму има повеќе вакви случаи и предизвикуваат реакција. Ние сме против партизација на јавната администрација. Бидејќи ефектите на крајот се и се губат избори . Треба да влегуваат и луѓе што се партиски определени од која било партија, но тоа да биде по пат на транспарентни огласи, компетативност, јасни критериуми..“, повтори ремиерот Зоран Заев во средата во гостувањето на Канал 5 во врска со непотизмот.

Мира Стојчевска

Синоним за непотизмост стана вработувањето на синот на социјалдемократската пратеничка Мира Стојчевска во АД Државни електрани на Македонија – ЕЛЕМ. Таа беше меѓу првите и засега многу малубројни кои го послушаа претходниот повик на Заев за повлекување на вработувањата на партиските и државните функционери. Сопругот на Стојчевска во меѓувреме се откажа од унапредувањето во државното шумско стопанство, а нејзиниот брат се повлече од РЕК Битола, но синот остана. Дедото по сопруга на генералниот секратар на СДСМ, Александар Кирацоски, пак, се откажал од вработувањето во погониза делови и опрема, но сестра му останува во Централен регистар, од чијашто струмичка подружница се повлече, пак, мајката на портпаролот на владејчката СДСМ, Костадин Костадинов. Вработувањето го повлече и синот на пратеникот од коалицискиот партнер во власта НСДП, Горан Мисовси, кој беше здомен во Агенцијата за супервизија и осигурување иако бил „единствен канидат на јавниот оглас?!“.

Меѓутоа, како што потврди и самиот Заев, огромно монзинство од познатите за јавноста, како и од оние помалку познатите случаи на непотизам, останаа и натаму. А тие се чини се најбројни во државната компанија за производство на електрична енергија која се претвори во место за згрижување на блиските на претставниците на власта, зашто во АД ЕЛЕМ, претходно „ухлебување“ добија и синот на советникот во култура Мирослав Грчев, ќерката на собранискиот спикер Талат Џафери и сопругот на Магдалена Несторовска, додека за втор човек во АД за Стопанисување со станбено деловен простор е поставен Јон Фрчкоски, син на Љубомир Фрчкоски. Собранискиот спикер Талат Џафери, пак, целосно го игнорираше реагирањето на јавноста.

Вработени беа и кумот и внукот на пратеничката Фросина Ременски, братот на пратеничката Славица Митева Шуманска, братот на пратеничката на СДСМ, Татјана Прентовиќ во сега МОБ, а братот на пратеничката на СДСМ од Македонски Брод, Анета Димовска Симеска, од стоматолог во приватна ординација е назначен за директор на Здравствениот дом во Македонски Брод, и уште десетици други случаи на блиски роднини на функционери,

Власта на СДСМ, исто така, не заборави да му се оддолжи и на својот поранешен партиски шеф. Имено, Дамјан Бучковски, синот на Владо Бучковски, поранешен премиер кој со своите јавни истапи последниот период ги поддржуваше и бранеше постапките на актуелната власт беше вработен во МЕПСО, а во оваа компанија од неодамна работи и Фиторе Бејта Акику, ќерката на Невзат Бејта, поранешниот градоначалник на Гостивар од владејачката партија ДУИ.

И помалиот партнер на Заев, движењето Беса, не остана имун на користењето на придобивките од учеството во власт, па така, министерот за култура Асаф Адеми ја вработил неговата сестра во ЕЛЕМ. Локалните медиуми пред десетина дена беа преполни со огорчените реакции на гостиварци кои беа револтирани и порди тоа што општинскиот советник на од редовите на Беса (сега Алтернатива), Телат Фетаи ја вработил сопругата во Општина Гостивар. Тамошната јавност реагирапше и на тоа што Емерли Асани, член на Централниот совет на движењето Беса, ја вработил својата сопруга во Палатата на културата во Гостивар.

По лавината од жестоки реакции на партиско-роднинските вработување минатиот месец се јави и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, со образложение дека „два-три“ случаи на вработување во администрацијата не значат непотизам.

„Од 2006 година за нас беше забранет и во јавен и во приватен сектор било кој со членска книшка на СДСМ да се вработи и вие го знаете тоа. Затоа збориме за заробена држава. Денеска е чудно што било кој што е симпатизер на оваа власт дека се вработува и во јавна институција. Не е во ред да се согласиме дека повторно тоа е проблем, а каде да одат овие луѓе. Имате два примери и 20 други каде што луѓето си наоѓаат работа по други линии“, рече Манчевски одговарајќи на новинарско прашање во обидот да ги одбрани позициите дека наводно цела деценија не можело да се вработи ниеден симпатизер или член на СДСМ.

Манчевски, како и неговиот шеф Заев повторно направија обид да го релативизираат непотизмот и да го амортизираат гневот на јавноста. Но, се чини, попусти се обидите на Заев да игра на картата на моралноста на неговите сопартијци, бидејќи не се заборавени неговите најавувања уште во 2010 година кога на поддржувачите на СДСМ им ветуваше „јадење живи луѓе“ и масовно вработување во државната администрација.

„Почитувани социјалдемократи, ако ве прашаат што со пренатрупаната државна администрација од ВМРО-ДПМНЕ, да им кажете дека Заев беше во Валандово и рече дека ќе ги бркаме од работа. Тие тоа треба да го знаат. Свесни сме дека ако сакаме да бидеме на власт, треба да влеземе тимски, од хигиеничар до министер во секој ресор во државата и така имаме намера да ја водиме Македонија“, рече тогаш актуелниот премиер Заев на собир со сопартијците во Валандово

Ако тогаш најави, Заев сега (го) остварува непотизмот, и тоа е можеби единственото нешто во што е доследен. И оттаму само посебе се наметнува прашањето дека ако сега се вработуваат партиски членови и симпатизери на СДСМ, тогаш во каква држава сега живеат граѓаните на кои им беше ветувано дека „дошол животот“.