Најновите проекции на Народната банка упатуваат на просечна инфлација од 8,8 отсто во 2022 година и постепена стабилизација до крајот на годината. Неизвесноста во однос на идните движења на цените е исклучително висока, а според проекциите на меѓународните финансиски институции, притисоците постепено ќе се стабилизираат кон крајот на годината. Во 2023 година се очекува забавување на стапката на инфлација која би била 3 отсто.
Со војната во Украина и санкциите кон Русија се влошија веќе нарушените глобални синџири на снабдување, енергетската криза и пазарите на примарни производи, предизвикувајќи ценовни притисоци и голема неизвесност за глобалните економски изгледи. Со оглед на подолготрајниот и посилен раст на увозните цени, се забрзува инфлацијата, се создаваат преносни ефекти кај повеќе ценовни категории и се менуваат инфлациските очекувања.
Ова го соопшти Народната банка, по денешната редовна седница на Советот на која беше усвоен најновиот Квартален извештај и најновите макроекономски проекции.
„Согледувањата за растот на економија се понеповолни во однос на октомвриските. Во оваа и во следната година се очекува побавен раст отколку во 2021 година. Се очекува раст од 2,9 отсто во 2022 година, по што ќе следи раст од 3,6 отсто во 2023 година. И натаму се очекува позитивен, но поумерен придонес од домашната побарувачката, поради послабиот придонес од потрошувачката на домаќинствата, додека нето-извозот ќе има негативен придонес“, соопштија од НБМ.
Додаваат дека, во услови на ескалација на геополитичките тензии, нови нарушувања на синџирите на снабдување и натамошен раст на цените на примарните производи на светските берзи, оцените за надворешната позиција на економијата се понеповолни. „Среднорочната проекција на билансот на плаќања упатува на повисок дефицит во тековната сметка за периодот 2022 ‒ 2024 година, главно поради сѐ повисоките цени на сите примарни производи, особено од цените на енергентите. Во рамките на најновите проекции, за 2022 година се очекува продлабочување на дефицитот во тековната сметка на билансот на плаќања до 8 отсто од БДП“, информира НБМ.
Иако растот на кредитите забрза во првиот квартал од 2022 година, очекувањата за 2022 година се дека растот ќе продолжи до крајот на годината, но поумерено, во услови на нагласена неизвесност, забавен економски раст и поумерен раст на депозитната база. Се очекува поумерен раст на депозитите за целиот период на проекцијата. Така, за 2022 година растот на депозитите ќе изнесува 5,0%, а во следниот период се очекува негово умерено забрзување со што би достигнал 7,5%, во просек, во периодот 2023 ‒ 2024 година.
„Главен надолен извор на ризик во моментов претставува натамошната ескалација на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, воведувањето нови, построги санкции и евентуалното дополнително влошување на економските односи помеѓу Западот и Русија. Дополнителен фактор на ризик е и евентуалното посилно затегнување на монетарната политика во развиените земји, како одговор на зголемените инфлациски притисоци и инфлациските очекувања“, соопштја од НБМ.