Светската здравствена организација (СЗО) денеска ја критикуваше „неприфатливата“ бавност на вакцинацијата против ковид-19 во Европа, која се соочува со загрижувачка епидемиолошка состојба.
“Вакцините се наш најдобар начин за излез од пандемијата. Не само што делуваат, тие исто така многу ефикасно ги ограничуваат инфекциите. Но, вакцинацијата е неприфатливо бавна”, рече Ханс Клуге, директор на СЗО за Европа.
„Да бидеме јасни: треба да го забрзаме производството на вакцини, да ги отстраниме административните бариери и да ги потрошиме сите дози што ги имаме на залиха“, рече Клуге.
„Ситуацијата во регионот е всушност најзагрижувачката во последните месеци“, додаде тој.
Во европскиот регион на СЗО, што вклучува педесетина земји, вклучувајќи ја Русија и земјите од Централна Азија, минатата недела имало 24 илјади нови смртни случаи, а вкупниот број се приближува до еден милион, пренесува Франс Прес.
Бројот на нови случаи надминал 1,6 милиони минатата недела, додека пред пет недели имало помалку од еден милион, предупреди СЗО.