Нерасчистени имотни односи се причината за двојното убиство во Челопек

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информираше дека според првични сознанија, двојното убиство во тетовско Челопек е поради нерасчистени имотни односи во семејството.

Тој изјави дека во моментот се работи на расчистување на настанот, а наскоро ќе имаат подетални информации.

-Во моментот работат колегите во однос на расчистувањето на овој настан, станува збор за нерасчистени имотни односи во едно семејство. Тоа се првичните сознанија кои ни ги пратија колегите од терен. Очекуваме дека наскоро ќе се заокружи целиот процес и ќе имаме детални информации, изјави вечерва Спасовски, за време на работна посета на ЕВР Гази Баба, во одговор на новинарско прашање.

Попладнево две лица беа убиени, а едно повредено во тетовско село Челопек. Од СВР Тетово информираа дека е приведено осомниченото лице. Убиените и повредениот се роднини со осомничениот за убиството и за ранувањето.