Нервозен возач сакал со пиштол да влезе во автобус на ЈСП

Полицијата трага по пиштолџија, кој сакал да влезе во автобус на ЈСП по претходна сообраќајна расправија поради недавање предност, дознава „Нетпрес“.

Според првичните информации, инцидентот се случил околу 13.30 часот на булеварот 11 Октомври на семафорите кај Собранието. Тогаш таму застанал автобус со број „16“, кој одел во правец на Зелен пазар. Зад автобусот застанал возачот на автомобилот „порше каен“ со гостиварски регистарски ознаки, кој претходно имал расправија со возачот. Додека траело црвеното светло на семафорот, двајцата патници од „поршето“ излегле и сакале на сила да влезат во автобусот за да се пресметаат со шоферот. Тој не ја отворал вратата, а возачот на „поршето“ извадил пиштол и почнал да се заканува. Во тој момент се запалило зеленото светло и автобусот тргнал, а насилникот го фрлил пиштолот и заедно со совозачот влегле во возилото и избегале.

Во меѓувреме полицијата веќе тргнала на местото на инцидентот, и по кусо време го лоцирала насилникот.

Оружјето било подигнато и земено за вештачење, а полицијата тргнала во потера по „поршето“. Насилниците биле престигнати во близина на фабриката „Охис“, каде бил уапсен совозачот, а возачот успеал да избега.

Ова е втор посериозен инцидент деновиве со возачи на ЈСП, откако во саботата бил претепан возачот на автобусот бр. 67 на влезот во Студеничани, исто така поради недоразбирање околу сообраќаен прекршок.