Во нервозното тргување на Волстрит во понеделникот, индексот Dow Jones благо падна, додека S&P и Nasdaq зајакнаа, бидејќи инвеститорите го очекуваат објавувањето на деловните резултати од голем број технолошки компании, состанокот на централната банка на САД и клучните податоци за американскиот пазар на труд што ќе дадат нови насоки на тргувањето.
Индексот Dow Jones во понеделникот падна за 49,41 поен или 0,12 отсто на 40.539 поени. Истовремено, индексот S&P 500 благо зајакна за 0,08 отсто, на 5.463 поени, а индексот Nasdaq за 0,07 отсто, на 17.370 поени.
Кварталните резултати од звучните технолошки имиња како што се „Microsoft“ и „Apple“, „Meta Platforms“ и „Amazon“ треба да бидат објавени во текот на седмицата и да им дадат насоки на инвеститорите за тоа дали технолошките акции се ранливи или дали нивните цени може да продолжат да растат.
Инвеститорите, исто така, се надеваат дека централната банка Федералните резерви (Federal Reserve – Fed), nа крајот на седницата оваа седмица, ќе сигнализира во среда дека е подготвена да ги намали каматните стапки во септември. Во петок, пак, податоците за вработеноста во јули ќе дадат увид во состојбата на пазарот на труд во најголемата светска економија.
„Јасно е дека седиме на игли. Пазарите се главно во фаза на чекање. Имаме големи економски вести оваа седмица и состанок на Fed во среда и извештај за работните места во петок. Имаме и голем број деловни извештаи од технолошките ‘тешкашки’“, вели Мона Махајан, директор и виш стратег за инвестиции во „Edward Jones“.
Технолошките компании доминираа со рекордниот раст на Волстрит последните месеци, што ги поттикна инвеститорите да го свртат своето внимание кон акциите кои заостанаа во растот, како што се средните и малите компании, кои треба да имаат полза од атмосферата со ниски каматни стапки.
„Многу инвеститори сакаат да бидат убедени дека неодамнешната ротација на капиталот што ја видовме на пазарот е оправдана или дека технолошките акции навистина ќе блеснат преку нивните деловни резултати“, додаде Махајан.
Во меѓувреме, Russell 2000 индексот на акции со мала капитализација падна за 1 процент во понеделникот, по трите седмици добивки.
На почетокот од седмиата, кога се очекуваат низа објавувања на деловни резултати и заклучоци од седниците на ентралните банки на Велика Британија, САД и Јапонија, на европските берзи се тргуваше внимателно. Франкфуртски DAX во понеделникот падна за 0,53 отсто, на 18.320 поени, а париски CAC 0,98 отсто, на 7.443 поени, додека лондонски Ftse зајакна за скромни 0,08 отсто, на 8.292 поени.