Несигурниот настап на Бајден во дебатата со Трамп ги вознемири демократите

Несигурниот настап на американскиот претседател Џо Бајден во телевизиското соочување со републиканскиот противкандидат Доналд Трамп во четвртокот ги вознемири демократите и остави некои стратези да се прашуваат дали партијата треба да најде некој друг за свој кандидат. што би бил потег без преседан.

Поддржувачите на Бајден се надеваа дека дебатата во четвртокот вечерта ќе ја намали загриженоста дека 81-годишникот е премногу стар за уште еден мандат, но се чини дека 90-минутната пресметка има спротивен ефект.

И Бајден и 78-годишниот Трамп се соочија со загриженоста за нивната возраст и способност пред изборите на 5 ноември, но најмногу се работеше за Бајден. Сега, на помалку од пет месеци пред изборите, некои демократски стратези и собирачи на средства за кампањата приватно се прашуваат дали претседателот треба да биде сменет како кандидат на партијата.

Неговиот глас беше рапав, за што претставниците на Белата куќа им рекоа на новинарите дека е предизвикано од настинка. Бајден избрза со своето излагање, направи грешки во некои одговори, а залута во други.

На околу половината од дебатата, демократскиот стратег, кој работеше за кампањата на Бајден во 2020 година, го нарече соочувањето „катастрофа“.

„Нема друг начин да се прикаже ова. Неговиот настап е дисквалификациски“, рече еден од највисоките демократи за собирање средства, кој разговараше за Reuters по настанот под услов да остане анонимен.

Тој предвидuva дека некои на Демократската национална конвенција во август, каде што се очекува да биде номиниран Бајден, ќе се залагаат за дискусија за можна замена.

„Очекувам собирањето средства да пресуши. Парите го следат ентузијазмот. Како може некој сериозно да каже: ‘Донирајте за Џо да биде избран’, додал соговорникот на агенцијата.

На почетокот на дебатата, Бајден застана додека зборуваше за Медикер и даночните реформи и се чинеше дека ја изгуби нишката.

Даночната реформа ќе создаде пари за да помогне „да се зајакне нашиот систем за здравствена заштита, да се осигураме дека секој човек е подобен за она со што можев да го правам со, со ковидот, извинете, да се занимаваме со сè со што моравме да се справиме“, рече Бајден, подзастанувајќи во излагањето

„Конечно го победивме Медикер“.

Трамп го обвини Бајден дека не е доследен.

„Навистина не знам што рече на крајот од таа реченица. Мислам дека ниту тој не знае што рече“, рече Трамп во еден момент.

Истакнати демократски пратеници се загрижени, рече помошничка на демократски сенатор. Забележала дека нејзиниот шеф „седи со другите клучни членови (на партијата) и паничи“.

Дејвид Акселрод, главен стратег на поранешниот претседател Барак Обама, изјави за CNN дека „ќе има дебата за тоа дали тој (Бајден) треба да продолжи“ во кампањата.

Претставниците на кампањата на Бајден се обидоа да изгледаат храбри, велејќи дека гласачите треба да се фокусираат на содржината на дебатата.

Пред пресметката, Бајден помина речиси една седмица подготвувајќи се за настапот со врвни советници во одморалиштето на претседателот Кемп Дејвид во планините на Мериленд, што е знак за тоа колку за неговата кампања беше важна дебатата. Ова не му помогна, според критичарите.

Додека Бајден се бореше, Трамп ги повторуваше своите добро познати тврдења кои неговите противници ги нарекуваат лажни, како на пример изјавите дека мигрантите го предводат бранот на криминалот во САД или дека демократите поддржуваат чедоморство, алудирајќи на нивното залагање за слободниот пристап до абортус.

„Трамп е Трамп, секој збор од неговата уста е срање. Но, Бајден звучи старо и изгубено. И тоа ќе биде важно повеќе од сѐ друго. Засега ова е апсолутен кошмар за Бајден“, вели Џо Волш, критичар на Трамп и републиканец кој дожувува жесток дебакл во обидот да се кандидира на претседателските избори.