Несогласувањата меѓу Германија и Франција околу пристапот кон конфликтот во Украина продолжуваат, а германскиот министер за одбрана Борис Писториус реагираше на коментарот на францускиот претседател Емануел Макрон дека на Европа не ѝ се потребни кукавици, објавија во средата германските медиуми.
„Според мене, дискусијата за трупите на земјите на НАТО во Украина или за тоа кој е кукавица или не, не ни носи ништо“, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус за време на неговата посета на Шведска.
Писториус рече дека фокусот треба да биде на она што е моментално релевантно, а тоа е помагањето на Украина со муниција.
Како што толкува германската јавност, Писториус реагираше на изјавата на францускиот претседател Макрон, кој во вторникот во разговор со претставници на француската заедница во Прага рече дека европските партнери мора поорепително да реагираат кога е во прашање поддршката за Украина.
„Се приближуваме до моментот во Европа каде што секако не е корисно да се биде страшливец“, рече Макрон.
Сепак, на крајот од посетата на Чешка, францускиот челник реагираше на изјавата на германскиот министер за одбрана, тврдејќи дека Германија не била цел на неговите коментари, но рече дека смета дека е неопходно да се „протресат“ француските сојузници.
Германија и Франција веќе подолго време се во несогласувања околу формата на помошта за Украина. Германија ја отфрли идејата на францускиот претседател за испраќање војници во Украина, а Франција жестоко го критикува одбивањето на германскиот канцелар Олаф Шолц да испрати крстосувачки ракети со долг дострел „Taurus“ во Украина. Франција, инаку, го снабдува Киев со сличните проектили од типот SCALP.
Шолц своето одбивање го објасни со неоподхоноста од присуство на германски војници во Украина во случај на испраќање на споменатите софистицирани проектили кои сателитски се наведуваат кон целат, што тој силно го отфрла. Според анкетите на јавното мислење, мнозинството германски граѓани ја поддржуваат оваа позиција на канцеларот.