Несторовски: Навистина е прекрасно и е голема чест да се биде капитен

Во отсуство на Горан Пандев и неговиот заменик Стефан Ристовски, честа да ја носи капитенската лента околу раката ја доби Илија Несторовски, првпат за него во дресот на репрезентација.

Новиот напаѓач на Удинезе не е незапознаен со оваа улога, бидејќи во Палермо беше капитен две сезони, а по натпреварот со Израел истакна дека жали за пропуштените шанси, но и дека нашата репрезентација по критиките по поразот од Австрија покажала карактер.

„Навистина е прекрасно и е голема чест да се биде капитен. Тоа е посебно чувство, не е исто во клуб и во репрезентација. Добивме големи критики и навреди по поразот од Австрија, но еве се вративме и покажавме карактер. Ги изненадивме Израелците, знаевме дека ќе тргнат офанзивно. Се договоривме да чекаме и да ги напаѓаме со полуконтри. За жал, не успеавме да реализираме неколку шанси. Примивме гол во второто полувреме, но успеавме да се вратиме, а можевме и да победиме со меч топка во 92. минута. Штета навистина. Ние сме сплотени, наша цел е второто место. Сега одиме да ја победиме Летонија и да се вмешаме во борбата за врвот“, истакна Несторовски.