
Нова Европска Театарска Акција (НЕТА) со седиште во Љубљана, Словенија, одлучи да отвори три регионални центри кои ќе работаат од Битола, Брисел и Њујорк, пренесува МИА.
Претседателот на НЕТА, Благој Стефановски и менаџер на Мал драмски театар, кој престојува во Букурешт, Романија, во изјава за МИА потврди дека првиот регионален центар се отвора во Битола, а паралелно ќе бидат отворени канцеларии на НЕТА во Брисел и Њујорк.
– Во моментов во НЕТА членуваат 40 национални театри и театарски групи од 20 држави со што НЕТА претставува најголемата асоцијација од ваков организациски формат во Европа. Најголем дел од театрите се од Југоисточна Европа, но ги има и од Русија, Италија и други држави. Ваквата одлука за отворање на регионални асоцијации ќе овозможи уште поефикасно работење на НЕТА при организацијата на камерни, но и големи театарски фестивали и манифестации, истакна Стефановски.
На синоќешната средба во Букурешт, претседателството на НЕТА одлучи главниот театарски настан на НЕТА за 2015 година да биде приреден во Букурешт и да се одржи кон крајот на август. Во пресрет на фестивалот избрани се три селектори и тоа Жорж Бану од Романија, едно од најголемите театарски имиња кој сега живее во Париз, втор селектор е Дамир Домитровиќ од Словенија, воедно генерален секретар на НЕТА, додека за трет селектор е избран Благој Стефановски, претседателот на НЕТА.
– Домаќин на тој голем театарски настан ќе биде Националниот театар Букурешт каде е извршена голема реконструкција, изградба и адаптација на 7 нови тетарски сцени кои ќе бидат промовирани на фестивалот што ќе го организира НЕТА. Мојата задача ќе биде да го извршам изборот на театарски претстави од Србија, Црна Гора, Косово, Грција, Бугарија, Албанија и од Македонија. Пријавувањето и календарот на активности ќе го врши регионалната канцеларија на НЕТА во Битола и очекуваме голема конкуренција за настап во Букурешт, потврди Стефановски.