Бенјамин Нетанјаху е недвосмислен победник на израелските парламентарни избори, објавено е во четвртокот кога неговиот десничарски религиски блок обезбеди 64 од 120 мандати во парламентот Кнесетот по завршувањето на пребројувањето на сите гласови.
Ликуд, партијата на 73-годишниот најдолговечен премиер на Израел, ќе биде најголемата партија во израелскиот парламент со 32 мандата, а втора е со 24 пратеници ривалската партија Јеш Атид (Има иднина) на премиерот во заминување Јаир Лапид, објавија израелските медиуми.
Лапид телефонски контактирал со Нетанјаху за да му посака „среќа за благосостојба на израелскиот народ и Државата Израел“. „Државата Израел е над сите политички прашања“, напиша Лапид на Twitter по телефонскиот разговор. Додава дека на сите министерски кабинети им наложил да подготват мирно примопредавање на власта.
Првпат во историјата на Државата Израел крајно десниот сојуз го зазема третото место според освоените мандати. Религиската ционистичка партија на Безалел Смотрич и Итамар Бен-Гвир освои 14 места во парламентот и веројатно ќе игра решавачка улога за Нетанјаху и неговата влада.
Левичарската партија Мерец и арапската партија Балад не успеаја да го минат изборниот праг од 3,25 отсто од гласовите.
Изборите во вторникот беа петтите по ред за три ипол години, а распишани беа откако владејачката коалиција од осум партии се распадна во јуни, губејќи го мнозинството во парламентот по само 18 месеци. Излезноста изнесуваше релативно високи 71,3 отсто.
Претседателот Исак Херцог до 16-ти ноември ќе го врачи мандатот на кандидатот кој ќе ја формира новата влада. Кандидатот тогаш ќе има 28 дена да ја формира коалицијата, со можно продолжување од 14 дена.