Нетанјаху бара Црвениот крст да им ги достави лековите за заложниците во Газа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го повика Црвениот крст во четвртокот да изврши поголем притисок за да добие пристап до заложниците што ги држи Хамас во Појасот Газа.

„Ја имате секоја можност, секое право и сите очекувања да извршите јавен притисок врз Хамас“, рече Нетанјаху на средбата со Мирјана Шпољариќ, претседателка на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Тел Авив.

Нетанјаху ѝ предаде пакет со лекови и го повика Црвениот крст да ја „исполни својата мисија и да им ги достави“ на заложниците во Газа.

Шпољариќ на мрежата Х објави напиша дека Црвениот крст „мора да добие дозвола“ за посетите. „Повторувам: Заложниците мора веднаш да бидат ослободени“, додаде.

Во текот на примирјето меѓу Израел и Хамас пред неколку седмици, Црвениот крст го организираше транспортот на заложниците од Газа во Египет или директно во Израел. Но организацијата не беше диркетно вклучена во преговорите околу ослободувањето.

Милитантите на исламистичкиот Хамас и другите екстремистички палестински организации киднапираа околу 240 луѓе во нападот без преседан врз Израел на 7-ми октомври.

Израел тврди дека 135 заложници сѐ уште се држат во Газа, а во четвртокот беше потврдено дека двајца од нив загинале. Како дел од договорот меѓу израелската влада и Хамас, беа ослободени 105 заложници. За возврат, Израел ослободи 240 палестински затвореници од израелските затвори.