Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во текот на телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, кој разговарал и со арапските челници во регионот, рекол дека Израел нема да ги запре операциите во Појасот Газа додека не го уништи воено-админстративниот потенцијал на радикалното палестинско движење Хамас, соопшти доцна ноќта во понеделникот кабинетот на израелскиот премиер.
По изненадувачкиот смртоносен напад од 7-ми октомври на Хамас врз јужен Израел со над 1.400 жртви, израелската армија презема обемни одмазнички удари во енклавата Појасот Газа под власт на исламистичкото движење во кои загинаа околу 2.800 луѓе, и целосно ја блокираше тесната област со 2,4 милиони и подготвува копнена инвазија.
Во првите денови од конфликтот, Путин кој има повеќе од деценија добри односи со Нетанјаху, го истакна правото на палестинскиот народ на своја држава според резолуциите на ОН и предупреди дека ескалацијата на палестинско-израелскиот конфликт може да се прелее во чувствителниот регион на Блискиот исток.
„Премиерот Бенјамин Нетанјаху вечерва разговараше со рускиот претседател Владимир Путин. Премиерот јасно стави до знаење дека Израел беше нападнат од гнасни и брутални убијци, и тргна во војна решителен и обединет и оти нема да запре сѐ додека не ги уништи воените и управувачките капацитети на Хамас“, соопшти кабинетот на израелскиот премиер.
Претходно Кремљ извести дека Путин разговарал со Нетанхају за ескалацијата на палестинско-израелскиот конфликт. Шефот на руската држава ги осудил дејствијата во кои страдаат цивилите.
Рускиот претседател „изрази искрено сочувство за семејствата и блиските на загинатите Израелци, го истакна своето силно неприфаќање и осуда на секакви дејствија чиишто жртви станува цивилното население, особено деца и жени“, соопшти Кремљ.
Путин, се додава во соопштението за јавноста, го информирал Нетанјаху за чекорите коишто ги презема Москва за нормализирање на ситуацијата во регионот, спречување натамошна ескалација на насилството и спречување хуманитарна катастрофа во Појасот Газа.
Се истакнува дека на Нетанјаху му биле пренесени клучните поенти од телефонските разговори што Путин претходно во понеделникот вечерта ги имал со палестинскиот претседател Махмуд Абас, египетскиот Абдел Фатах ал-Сиси, иранскиот Ебрахим Раиси и сирискиот Башар ал-Асад, челниците на арапските муслимански земји кои граничат со Израел. Притоа Путин ја истакнал подготвеноста на Русија да соработува на барање дипломатско решение за палестинско-израелскиот конфликт, извести Кремљ.
Во текот на овие разговори, соговорниците се согласиле околу неопходноста да се постигне итен прекин на огнот и да се воспостави хуманитарно примирје. Меѓу другото, Путин во разговорите со челници истакнал дека секоја форма на насилство врз цивилите е неприфатливо и додал дека Москва е подготвена да обезбеди хуманитарна помош и да ги координира напорите „со сите конструктивни партнери“ за да се запрат непријателството што поскоро.
Покрај тоа, Путин уште еднаш на соговорниците им ја истакнал позицијата на Русија дека постигнувањето фер решение на проблемот е можно само со создавање независна палестинска држава која коегзистира во мир со Израел, информираше Кремљ.