Нетанјаху го разреши министерот за одбрана Галант

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторникот го разреши од должноста министерот за одбрана Јоав Галант, велејќи дека не му верува поради начинот на кој ги водел израелските воени операции.

Нетанјаху го именуваше министерот за надворешни работи Израел Кац за негов наследник, а Гидеон Сар ќе биде нов министер за надворешни работи, соопшти кабинетот на Нетанјаху.

„Во екот на војната, довербата меѓу премиерот и неговиот министер за одбрана е потребна повеќе од кога и да е“, но „последните месеци таа доверба е ослабена“, објасни Нетанјаху во писмото до Галант, додавајќи дека „одлучил да го именува министерот Израел Кац како негов наследник“.

Јоав Галант на Х одговори дека „безбедноста на Израел била и ќе остане негова животна мисија“.