Нетанјаху го зајакнуваше Хамас преку Катар, тврди поранешен израелски амабсадор во САД

Поранешниот израелски амбасадор во САД, Дени Ајалон, гостувајќи на британската телевизика Sky News, го обвини премиерот Бенјамин Нетанјаху за нападите од 7-ми октомври, тврдејќи дека тој активно го зајакнувал Хамас, пренасочувајќи им пари преку Катар.

„Нетанјаху е главниот одговорен“, изјави Ајалон истакнувајќи дека израелскиот премиер дозволил милиони долари да стигнат до Хамас во готовина, што резултирало со изградба на воената инфраструктура на Хамас.

Неговото тврдење се совпаѓа со извесни медиумси написи изминатите години, дека израелската тајна служба Мосад заедно со сојузничките
западни разузнавачки агенции го создала палестинското исламистичко движење Хамас за да го поткопа Фатах кој беше доминантен политички фактор на Палестинците и беше расположен кон дипломатско решение преку преговори за разрешување на деценискиот палестинско0израелско конфликт.

На прашањето дали Нетанјаху сноси лична одговорност за нападите без преседан според координираноста, ефикасноста и свирепоста од 7-ми октомври на Хамас во јужен Израел, Ајалон кусо одговори „Апсолутно“.

„Тој е оној кој ја надгледуваше или дизајнираше стратегијата за зајакнување на Хамас, обидувајќи се да ја подели палестинската територија меѓу палестинската управа во Јудеја и Самарија и Хамас во Газа. Тој е оној кој дозволи милиони долари да се слеваат во Хамас од Катар во куфери со готовина, кој во основа го создаде Хамас и неговата моќна воена инфраструктура. Мислеше дека ќе може да ја контролира ситуацијата и да го одложи решавањето на проблемот, но сѐ се распадна. Тој е секако одговорен и ќе треба да одговори на многу прашања во оваа насока“, тврди Ајалон.

Нетанјаху претходно ги отфрли како „смешни“ тврдењата дека го зајакнувал Хамас за да ги подели Палестинците во ривалски политички табори.

„Голема лага е дека сакав да го изградам Хамас. Смешно. Не влегувате во војна со Хамас три пати или не преземате големи воени операции ако сакате да го изградите Хамас“, рече актуелниот и најдолготраен премиер во историјата на Израел.