Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторникот им се закани на Либанците дека ќе претрпат „уништување“ како во палестинска Газа доколку не ја „ослободат“ својата земја од шиитското движење Хезболах, додека Израел ја проширува својата копнена офанзива против исламистичкото движење во јужен Либан.
На првата годишнина од смртоносниот напад без преседан во историјата на палестинското движење Хамас на израелска територија, Нетанјаху во понеделникот вети дека ќе ја продолжи борбата до победа против либанскиот Хезболах и палестинското исламистичко движење поддржано од Иран.
„Ослободете ја вашата земја од Хезболах“, рече тој во видео-пораката на англиски јазик до Либанците во вторникот, заканувајќи се дека во спротивно Либан ќе го доживее „уништувањето и страдањето што ги гледаме во Газа“, каде што израелската војска води една година долга офанзива која остави десетици илјади мртви.
„Го елиминиравме (Хасан) Насрала“, лидерот на Хезболах убиен на 27. септември во израелски напад во јужните предградија на Бејрут, „како и наследникот на Насрала и наследникот на неговиот наследник“, додаде премиерот без да наведува имиња.
Неговиот министер за одбрана, Јоав Галант, непосредно пред тоа тврдеше дека Хезболах е „распадната организација“ по интензивните израелски напади. „Хезболах е обезглавена организација. Насрала е елиминиран, веројатно е елиминирана и неговата замена“, им рече Галант на офицерите во северниот команден центар. Според некои прогнози на западните медиуми, се очекуваше Хашем Сафиедин, висок функционер на Хезболах, да го наследи Насрала, но постојат информации дека од петокот не е познато дали стапил во контакт со другите челници на движењето.
И покрај ударите врз Хезболах и Хамас, чиј лидер исто така беше убиен, двете движења продолжуваат да го гранатираат Израел, кој граничи со Појасот Газа на југ и со Либан на север.
Израелската војска објави дека 146-та дивизија започна во понеделникот „ограничени и локализирани операции против терористичките цели и инфраструктура на Хезболах во југозападен Либан“, кон брегот на Средоземното Море. Оваа дивизија е четврта што Израел ја распореди од почетокот на копнената офанзива во јужен Либан на 30 септември.
Истовремено, Израел врши воздушни напади врз јужен и источен Либан, како и врз јужните предградија на Бејрут, три упоришта на Хезболах.
Исламистичкото движење ја презеде одговорноста за ракетните напади врз воени објекти, како и врз градот Хаифа во северен Израел. Според израелската армија, биле истрелани околу 85 проектили. Повеќето од ракетите наводно биле пресретнати од израелската армија.
Хезболах, исто така, тврди дека со ги истиснал израелските војници кои се „инфилтрирале“ во јужен Либан во близина на позициите на UNIFIL, мировните сили на ОН, каде според истиот израелските сили претпреле „бројни загуби“.
Наим Касем, заменик генералниот секретар на Хезболах, во телевизиско обраќање изјави дека водството на движењето е „совршено организирано“ и покрај „болните“ израелски напади што ги претрпе Хезболах.
Израел се обидува да го оддалечи Хезболах од пограничните области на јужен Либан и да го запре ракетниот оган кон северен Израел со цел да дозволи враќање на околу 60.000 раселени жители во овој регион.
Единечниот бран на прекугранично насилство се претвори во отворена војна на 23 септември, кога Израел започна масовна бомбардирање на упориштата на Хезболах во Либан.
Повеќе од 2.000 луѓе се убиени во Либан од октомври 2023 година, вклучително и повеќе од 1.110 од 23 септември, според пребројувањето на AFP врз основа на официјални соопштенија. Повеќе од милион луѓе се раселени.
Во опколениот и погоден од хуманитарна катастрофа Појасот Газа, Цивилната одбрана во вторникот објави дека загинале уште 17 Палестинци, меѓу кои и деца, во напад на куќа во центарот на кампот Буреи.
Најмалку 41.965 Палестинци се убиени до пред десет дена, од кои повеќето цивили и тоа две третини жени и деца, во израелската офанзива врз Газа, според податоците на Министерството за здравство на владата на Хамас, кои ОН ги сметаат за сигурни.
Војната против Хамас и Хезболах е придружена со ескалација на односите меѓу Израел и Иран. Израелските власти соопштија дека подготвуваат одговор на нападот со 200 проектили што Техеран ги лансираше на негова територија на 1 октомври.