Нетанјаху: Израел ќе ја задржи воената контрола дури и во случај на решение со две држави

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави во понеделникот дека неговата земја, дури и во случај на решение за две држави меѓу Израел и Палестинците, ќе ја задржи воената контрола врз сите палестински територии.

Во секој случај, „Израел ќе одржи целосна безбедносна контрола над сите области западно од реката Јордан“, вклучително и Западниот брег и Појасот Газа“, рече Нетанјаху во видео пораката.

Во понеделникот, со тоа Нетанјаху одговори на медиумските извештаи дека САД и другите сојузници можат да ја признаат палестинската држава без согласност на Израел.

САД, најважниот сојузник на Израел, сè повеќе повикува на решение со две држави што ќе вклучи мирен соживот на Израел и палестинската држава. Вашингтон, исто така, се залага за решение со две држави како средство за ставање крај и на сегашната војна во Појасот Газа и на деценискиот конфликт на Блискиот исток.

Од друга страна, Нетанјаху, политичар од израелската десница, во голема мера ја изгради својата долга политичка кариера на неговото декларирано противење на решението за две држави. Во неделата неговата влада отфрли трајно мировно решение со Палестинците што ќе биде наметнато со „меѓународен диктат“, а неговиот кабинет едногласно ја одобри декларацијата во тој контекст.

На почетокот на состанокот Нетанјаху рече дека таквиот потег уследил по „неодамнешните дискусии на меѓународната заедница за обид за еднострано наметнување на палестинска држава на Израел“.

„Израел ќе продолжи да се спротивставува на едностраното признавање на палестинската држава. Таквото признавање, по масакрот на 7-ми октомври, би било како награда без преседан за тероризмот и би го оневозможило постигнувањето каков и да е мировен договор во иднина“, според соопштение објавено во неделата.

Претходно во понеделникот Меѓународниот суд на правдата (МСП – ICJ) започна седумдневно сослушување за правните последици од израелската окупација на Палестина, а меѓу повеќе од 50-те земји на судиите свотие ставови ќе ги изложат САД, Русија, Кина…, а на списокот на овие земји од регионот се Словенија и Унгарија.

Генералното собрание на Обединетите нации побара од својот највисок Суд мислење за израелската окупација во 2022 година и судиите сега ќе ги разгледаат „окупацијата, населувањето и анексијата… вклучително и мерките што ќе ја променат демографската структура, карактерот и статусот на Светиот град Ерусалим“. Израел ги окупираше Западниот врег, Појасот Газа и Источен Ерусалим во војната во 1967 година. Израелските сили се повлекоа од Газа во 2005 година, но сè уште ги контролира нејзините граници. Од 1967 година тој значително ги зголемил бројот на илегалните доселенички населби на Западниот брег, кои според Палестинците претставуваат закана за создавање одржлива палестинска држава. Израел го анектираше и Источен Ерусалим, но некои земји во светот не ја признаваат оваа анексија. Покрај тоа, од истата година Израел под окупација ја држи и Голанската восорамнина, која е територија на Сирија, но тоа не е предмет на оваа расправа.

Генералното собрание на ОН побара мислење од 15 судии за тоа како овие мерки и практика „влијаат на правниот статус на окупацијата“ и кои се нејзините правни последици за сите земји во светот и за Обединетите нации. Палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал-Малики ја отвори дебатата, а потоа претставници на повеќе од 50 земји, вклучувајќи ги САД, Кина, Русија, Јужноафриканската Република и Египет. Претставник на Израел нема да се појави пред судот и веќе достави писмени коментари. Во претходните дискусии еврејската држава ги игнорираше мислењата на Судот, но сега е под политички притисок поради војната во окупираниот палестински енклава Појас Газа, во која од почетокот на израелските воени операции на 7-ми октомври се убиени околу 29.000 Палестинци.

Светската јавност будно ќе ја следи дебатата пред судот на ОН, особено во поглед на најавената израелска офанзива на градот Рафах, на границата меѓу Газа и Египет, каде што повеќе од милион Палестинци се засолниле пред израелските воени операции.

Генералното собрание на ОН по вторпат бара судско мислење за израелската окупација. Во 2004 година, судот заклучи дека Израел го прекршил меѓународното право со изградбата на ѕидот на Западниот Брег и дека тој мора да биде урнат. Тел Авив не го исполни ова барање.

Овонеделните рочишта не се поврзани со тврдењето за геноцид врз Палестинците што Јужноафриканската Република го изнесе пред Судот со седиште во холандски Хаг против Израел. Судот на крајот на јануари побара од Израел да ги преземе сите мерки за да го спречи геноцидот во Газа.

Мислењето на судот нема да биде правно обврзувачко, но ќе има „голема правна тежина и морален авторитет“, забележаа претствниците на трибуналот.