Нетанјаху: Израел силно ќе одговори на секој напад

Израел ќе одговори силно на секој напад, изјави во средата премиерот Бенјамин Нетанјаху, по убиствата на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија во Техеран и на висок лидер на Хезболах во Бејрут.

„Граѓани на Израел, пред нас се тешки денови. По нападот во Бејрут, заканите доаѓаат од сите страни. Подготвени сме на секое сценарио и заедно ќе се соочиме со секоја закана. Израел силно ќе одговори на секоја агресија“, рече Нетанјаху во телевизиска изјава.

Нетанјаху рече дека Израел им нанел тешки удари на милитантните групи во изминатите неколку дена, вклучувајќи ги палестинското сунитско движење Хамас и либанското шиитско движење Хезболах. Сепак, тој не го спомна убиството на Ханија коешто поттикна закани за одмазда.

Иако се верува дека нападот врз Ханика го извршил Израел, владата во Ерусалим не ја презеде одговорноста и соопшти дека нема да коментира за неговото убиство.

Во меѓувреме, заменик-лидерот на Хамас во Газа, Калил ал-Хаја изјави дека Ханија бил погоден „директно“ од проектил. Како резултат на ракетен напад, уништени се прозорците, вратите и ѕидовите во неговата соба, рече ал-Хаја на прес-конференција во Техеран, цитирајќи сведоци кои биле со Ханија во Иран на церемонијата на инаугурацијата на новиот претсеател.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш верува дека нападите во Бејрут и Техеран оваа седмица означуваат „опасна ескалација“ на конфликтот на Блискиот Исток, изјави неговиот портпарол во средата.

„Станува сè појасно… дека самото зауздување не е доволно во овој исклучително чувствителен момент. Генералниот секретар ги повикува сите да работат на регионална деескалација во интерес на долгорочниот мир и стабилност за сите“, рече изјава на портпаролот Стефан Дужарик.