![netanjahu bin salman](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/11/netanjahu-bin-salman.jpg?resize=696%2C452&ssl=1)
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека нормализирањето на односите со Саудиска Арабија ќе претставува „огромен чекор“ кон ставање крај на арапско-израелскиот конфликт.
„Сакаме нормализација и мир со Саудиска Арабија. Тоа го гледаме како можеби огромен чекор кон ставање крај на арапско-израелскиот конфликт“, рече Нетанјаху на состанокот во понеделникот вечерта во Ерусалим со американскиот републикански сенатор Линдзи Греам.
„Тој договор може да има монументални последици, историски последици за Израел, за Саудиска Арабија, за регионот и за светот“, додаде израелскиот премиер.
Израел има воспоставено дипломатски односи со неколку арапски земји од 2020 година, вклучувајќи ги и саудиските соседи Обединетите Арапски Емирати и Бахреин. Сепак, Ријад се воздржа од признавање на Израел и вели дека таквиот потег треба да се поврзе со решавањето на палестинските желби за формирање независна држава.
Минатиот месец Иран, главниот регионален ривал на Израел, ги обнови дипломатските односи со Саудиска Арабија со кинеско посредување, што беше удар за напорите на Нетанјаху. Иранската амбасада во Ријад беше отворена минатата среда по седум години.
Израелското министерство во понеделникот соопшти дека побарало од Кина да изврши влијание врз Иран за да го спречи да се здобие со нуклеарно оружје.
„Разговарав со кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг за опасноста што ја гледаме во иранската нуклеарна програма, опасност што ја споделуваат многу земји во регионот, вклучувајќи ги и земјите кои имаат дипломатски односи со Иран“, рече израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен.