Нетанјаху му порача на Блинкен дека Израел сам ќе го нападне Рафах

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во петокот му рече на американскиот државен секретар Антони Блинкен дека Израел е подготвен сам да ја продолжи војната против Хамас, без американска поддршка.

Блинкен приватно се сретна со Нетанјаху за да види дали тој ќе обезбеди испорака на повеќе храна во Појасот Газа. Тоа е негова шеста турнеја на Блискиот исток од почетокот на војната на 7-ми октомври 2023 година.

Нетанјаху му рекол на Блинкен дека ја цени американската поддршка за борбата на Израел против Хамас и ја разбира потребата да се заштитат цивилите.

Но, тој повтори дека ќе изврши копнен напад врз Рафах, на југот на Појасот Газа, каде што се засолниле повеќе од милион ипол Палестинци, или повеќе од половината од вкупното население на енклавата.

„Исто така реков дека нема шанси да го победиме Хамас без да одиме во Рафах и да го елиминираме остатокот од тамошниот баталјон. И му реков дека се надевам дека ќе го направиме тоа со поддршка од САД, но ако мораме – ќе го направиме тоа самите“, рече Нетанјаху во видео-обраќање за новинарите.

Израел тврди дека Рафах е последното засолниште за милитантите на Хамас и планира да ги евакуира цивилите пред копнен напад. Вашингтон, пак, верува дека копнената офанзива би била грешка и би предизвикала преголема штета на луѓето коишто се засолнуваат таму.