Нетанјаху: Нема прекин на огнот додека Хамас не ги ослободи заложниците!

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја отфрли можноста за привремен прекин на огнот во Појасот Газа, велејќи дека ќе продолжи со разорната воена офанзива додека не се ослободат заложниците кои ги држи милитантната група Хамас.

Нетанјаху зборуваше кратко по средбата со американскиот државен секретар Антони Блинкен, кој посочи дека е потребна  привремена пауза во офанзивата за подобрување на хуманитарните услови во Газа. Блинкен, исто така, го повика Израел да стори повеќе за да ги заштити цивилите од неговите напади.

Во изјавата, Нетанјаху рече дека Израел продолжува со „сета своја моќ“ и „одбива привремен прекин на огнот којшто не вклучува враќање на заложниците“.

Хамас киднапираше околу 240 луѓе во својот прекуграничен напад на 7 октомври, што ја предизвика војната меѓу Израел и Хамас.

Во нападот загинаа околу 1.400 луѓе, додека над 9.200 Палестинци во Газа загинаа во израелските напади што започнаа истиот ден, според палестинските здравствени власти.

Израел има „право“ на „самоодбрана“

Американскиот државен секретар Антони Блинкен во петокот го посети Тел Авив, каде што го повика Израел да ја осигура безбедноста на палестинските цивили заробени во Појасот Газа.

Во исто време, тој го повтори „правото“ на Израел да се „одбрани“ за смртоносниот напад на Хамас „никогаш повеќе да не се повтори“.

Блинкен – на неговото второ патување на Блискиот Исток од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври – се сретна со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и учествуваше на состанокот на кабинетот за безбедност.

Тој разговараше со израелскиот лидер за можноста за „хуманитарни паузи“ со цел да се заштитат палестинските цивили и да се зголеми испораката на помош.

„Ние веруваме дека сите овие напори ќе бидат олеснети со хуманитарни паузи со аранжмани на теренот за зголемување на безбедноста за цивилите и овозможување поефикасна и поодржлива дистрибуција на хуманитарна помош“, рече тој за време на прес-конференцијата во Тел Авив.

Израел „никогаш нема да биде сам“, нагласи тој.

Пред петочното патување во Тел Авив, Блинкен постави неколку цели. Тие вклучуваат: Вршење притисок врз израелската армија да ги заштити цивилите во Газа и окупираниот Западен Брег и да обезбеди континуиран проток на хуманитарна помош до опколената палестинска енклава.

„Ќе разговараме за конкретни чекори што може и мора да се преземат за да се минимизира штетата за мажите, жените и децата од Газа“, рече тој пред да замине од Вашингтон.