Мандатарот за составување на новата израелска влада Бенјамин Нетанјаху ќе има рок до 21-ви декември да го состави својот кабинет, откако претседателот Исак Херцог одобри продолжување на рокот за десет дена, соопшти во петокот кабинетот на израелскиот претседател.
Нетанјаху го доби мандатот за составување на владата по победата на десницата на парламентарните избори на 1-ви ноември. Иако обезбеди мнозинска поддршка во парламентот, допрва треба да ги финализира коалициските преговори.
Имајќи предвид дека неговиот прв рок како мандатар истекува во недела, Нетанјаху бараше продолжување од две седмици, што е најмногу дозволено со законот. Претседателот Херцог, чиишто овластувања се главно церемонијално му одреди дополнителни десет дена.
„Ова се сложени денови за израелското општество, кога споровите околу основните прашања се закануваат со расцепување и потпалување на насилството и омразата“, порачува Херцог во писмото до Нетанјаху што го објави неговиот кабинет.
Во дописот, исто така, се повикува на формирање влада којашто „ќе ја претставува целата земја и на коалиција којашто го почитува дијалогот“.