Нетанјаху вети дека наредните денови ќе го зголеми „воениот притисок“ врз Хамас

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата им вети на Израелците дека ќе го засили „воениот притисок“ врз Хамас „во следните денови“, неспоменувајќи го нападот врз пренатрупениот град Рафах во јужниот дел на Појасот Газа, за кој тој постојано изјави дека е решен да го лансира.

„Ќе му зададеме нови тешки удари – и тоа ќе се случи наскоро. Во наредните денови ќе го зголемиме воениот и политичкиот притисок врз Хамас, бидејќи само така ќе ги ослободиме нашите заложници и ќе ја постигнеме нашата победа“, рече израелскиот премиер во видеото пред еврејскиот празник Пасха.

Нетанјаху вели дека е решен да започне напад врз градот Рафах каде, според него, се концентрирани четири баталјони на палестинското исламистичко движење Хамас. Но, невладините организации и сѐ поголем број странски претставници се противат на оваа операција, стравувајќи дека ќе предизвика бројни цивилни жртви.

Израелската војска тврди дека некои од заложниците кои милитантите на Хамас ги киднапираа на 7-ми октомври за време на крвавиот напад на израелска територија се држат во Рафах.

Воениот портпарол на телевизија во неделата вечерта изјави дека „началникот на Генералштабот ги одобрил следните фази од војната“, без дополнителни детали. „На Пасха ќе има 200 дена заробеништво за заложниците… Ќе се бориме додека не се вратите кај нас“, увери тој.