Американскиот претседател Џо Бајден ќе го пречека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четврток во Белата куќа за да разговара за напредокот кон прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците, објави во средата Белата куќа.
Потпретседателката Камала Харис ќе се сретне со Нетанјаху одделно, се додава во соопштението на Белата куќа.
Меѓутоа, во вторникот израелските власти ја опишаа одлуката на Харис, која по повлелкувањето на Бајден важи за речиси сигурен претседателски кандидат на демократите на изборите во ноември, да не присуствува на обраќањето на премиерот Бенјамин Нетанјаху во Конгресот денеска, како „бојкот“ и рекоа дека е „разочарувачка“.
Израелскиот челник ќе се обрати пред американскиот Конгрес подоцна во средата, поради протестите и незадоволството од некои американски пратеници поради начинот на кој Израел се справува со војната во Газа. Премиерот на Израел ќе им се обрати на пратениците на заедничка седница на Сенатот и Претставничкиот дом во обид да ја зајакне поддршката за неговата војна во Појасот Газа.
Бенјамин Нетанјаху беше поканет од претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, чија Републиканска партија се обидува да покаже непоколеблива поддршка за Израел. Сепак, неколку демократски пратеници планираат да го бојкотираат обраќањето во знак на протест поради огромниот број убиени Палестинци во израелската офанзива.