Нетанјаху за во понеделник „закажа“ израелска инвазија врз Рафах

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека е одреден датумот за израелска инвазија на Рафа, последното засолниште во Газа за раселените Палестинци, додека во Каиро се одржува нова рунда преговори за прекин на огнот.

„Денеска добив детален извештај за разговорите во Каиро, постојано работиме да ги постигнеме нашите цели, а пред сѐ да ги ослободиме сите наши заложници и да постигнеме целосна победа над Хамас“, рече Нетанјаху.

„Оваа победа бара влез во Рафа и елиминирање на терористичките баталјони таму. Тоа ќе се случи, датумот е одреден“, рече тој.

Изјавата на Нетанјаху дојде веднаш откако десничарските екстремистички фракции во коалициската влада извршија притисок за продолжување на војната во Газа.

„Ако премиерот одлучи да ја заврши војната без поширок напад на Рафа за решително да го порази Хамас, тој нема да има мандат да остане премиер“, напиша денеска министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир на платформата X.

Министерот за финансии Безалел Смотрич од радикалната десничарска партија Религиозен ционизам повика за итен состанок на израелскиот воен кабинет, „по повод извештајот за крајот на војната“.

И покрај жестокото меѓународно противење, Израел со недели вели дека планира копнена инвазија на градот Рафа во јужниот дел на Газа, каде што повеќе од еден милион Палестинци избегаа од борбите на другите место во енклавата.